ДАНСКАТА ПРЕМИЕРКА ЈА ОДБИ ПОНУДАТА НА ПЛАСТИЧЕН ХИРУРГ ДА Ѝ ГО СРЕДИ НОСОТ Среќна е со своето тело

Данската премиерка Мете Фредериксен откри дека низ годините добила многу забелешки за нејзиниот изглед - дека има грди заби и тенка коса, дека има грда „брадавица“ на носот и добронамерни совети да стави малку ботокс.

0

Данската премиерка Мете Фредериксен упати остра и директна критика до неименуван пластичен хирург, кој преку социјалните мрежи ѝ испратил несакана понуда да ѝ го „поправи“ носот. Наместо да го игнорира коментарот, 48-годишната лидерка одлучи јавно да го сподели за да укаже на притисокот и постојаното набљудување на изгледот со кој се соочуваат жените во политиката.

Фредериксен откри дека пораката ја дочекала веднаш по нејзиното враќање од официјална посета на Киев, Украина.






„Последното нешто што го слушнав кога си заминавме од Киев вчера беа сирените за воздушен напад. Војната продолжува во Европа. А една од првите пораки што ги добив кога се вратив во Данска беше оваа. Навистина, ајде веќе….

Изгубив број колку пораки сум добила низ годините за мојот изглед. Особено дека имам грди заби и тенка коса. Дека имам грда „брадавица“ на носот и добронамерни совети да ставам малку ботокс.

Јас не се мешам во тоа што другите прават со својот изглед. Самата јас си живеам сосем добро со моето тело. Такво какво што е кога си жена која се приближува кон 50-тите години.

Но, сепак, малку старомодно се револтирам. Ако веќе некој мора да ми пише (а за тоа секој е добредојден), тогаш се надевам дека ќе го искористи своето време за зборување на нешто поважно. А не за мојот нос.

Одговорот е ‘не, благодарам’ за таа понуда. И затоа, денес испраќам дополнителна топла мисла до сите вас кои секој ден морате да слушате коментари за совршените несовршености со кои сите ние живееме“, напиша премиерката на нејзиниот профил на Инстаграм каде ја сподели понудата од хирургот и нејзиниот одговор до него.

Таа објави скриншот од пораката во која хирургот ја прашува: „Дали сакате да го поправите тоа мало место на вашиот нос?“. Иако го заматила името на докторот за да го заштити неговиот идентитет, нејзиниот одговор бил брз и дециден:

„О, не. Јас сум среќна со моето тело — навистина не ми треба машки пластичен хирург да има мислење за тоа!“

Премиерката, која ја води Данска од 2019 година и моментално го тера својот трет мандат, призна дека со години добива безброј коментари за нејзиниот физички изглед.

Овој потег на данската премиерка наиде на силна поддршка од јавноста и повторно ја отвори дебатата во европските медиуми за сексизмот и двојните стандарди со кои се соочуваат жените на високи политички позиции. Додека машките лидери ретко се соочуваат со јавно оценување на нивните брчки или физички карактеристики, изгледот на нивните колешки редовно останува под лупа на јавноста.

Мете Фредериксен стана премиер на Данска во јуни 2019 година како втора жена во историјата на таа позиција.

Поврзани содржини