АВСТРАЛИЈА СТАВА ЗАБРАНА ЗА ПЕСНИТЕ НАПРАВЕНИ СО ВЕШТАЧКА ИНТЕЛИГЕНЦИЈА Повод за новите правила на ARIA е преработката на „Like a Prayer“ на Џош Фаваз

Песната „Like a Prayer“ на Џош Фаваз, со ВИ-генерирани вокали и тапани, стигна до врвот на радио-листите, а сега ARIA воведува правила со кои целосно генерираната музика ќе биде исфрлена од официјалните топ-листи

32

Австралија воведува нови правила за вештачката интелигенција во музиката, а песната која последниве месеци предизвика голема полемика – ВИ-преработката на „Like a Prayer“ на Мадона – се најде токму во центарот на промените.

Австралиската асоцијација на музичката индустрија (ARIA), која ги води официјалните музички листи во земјата, објави дека песните создадени целосно или главно со генеративна вештачка интелигенција повеќе нема да бидат подобни за ARIA листите. Новите правила ќе важат од листата со датум 31 август, која ќе биде објавена на 28 август.






Но, тоа не значи дека музичарите во Австралија ќе мора целосно да се откажат од ВИ.

АРИА прави јасна разлика меѓу ВИ како помошна алатка и музика што во суштина ја создала вештачката интелигенција. Песните во кои ВИ се користи, на пример, при продукција, аранжирање или други делови од процесот, ќе можат да се најдат на листите, под услов снимката да биде „во суштина создадена од луѓе“, употребата на технологијата да биде законска и овластена и да нема сомневање за манипулирање со стримовите.

Сè почна со „Like a Prayer“

Најголемиот тест за новите правила е песната „Like a Prayer“ на австралискиот диџеј и продуцент Џош Фаваз, преработка на култниот хит на Мадона од 1989 година.

Песната експлодираше на австралиските радио-станици и во јули стана најпуштана песна во Австралија. Стигна и до четвртото место на ARIA листата, а во еден момент се најде на второто место на листата за австралиски синглови.

Успехот, сепак, беше проследен со непријатно прашање: колку од песната всушност е човечка работа?

Музичари и експерти почнаа да се сомневаат дека во продукцијата е користена генеративна ВИ. Британскиот „Гардијан“ во јули објави дека експерти во снимката препознавале карактеристики на ВИ-генерирана музика, а особено внимание привлекувале вокалот и начинот на продукција.

Фаваз тогаш тврдеше дека ВИ ја користел „како алатка“, но подоцна се случи нешто што дополнително ја разгоре дебатата. Во јули, по истрагата на ABC, на Spotify биле додадени информации дека во песната се користени генеративно ВИ-генерирани вокали и ВИ-тапани.

Песната дотогаш веќе имаше огромен успех. Според ABC, во јули имаше повеќе од 38 милиони слушања на Spotify, а подоцна бројот надмина 48 милиони, според други извештаи.

И токму тука се појави проблемот за музичката индустрија: песна со значителен придонес на генеративна ВИ не само што стана хит, туку се натпреваруваше со песни создадени од луѓе на официјалните листи.

На најновата објавена ARIA листа за австралиски синглови, „Like a Prayer“ на Фаваз сè уште се наоѓа високо – на петтото место, со највисока позиција број два.

Сега АРИА може да ја исфрли песната

Новите правила ѝ даваат на АРИА значително поголеми овластувања.

Ако некоја снимка биде оценета како неподобна, организацијата може да одбие да ја внесе на листата, да ја отстрани откако веќе се нашла таму, да ги промени позициите на останатите песни, па дури и да повлече признание или акредитација.

Но, Фаваз и другите музичари нема да бидат автоматски осудени без можност за реакција.

Новите правила предвидуваат уметниците или нивните претставници да можат да оспорат одлука за исклучување и да достават докази дека снимката ги исполнува условите.

Тоа значи дека „Like a Prayer“ може да стане првиот голем случај со кој ќе се тестираат новите правила во пракса.

Не е забранета ВИ во музиката

АРИА признава дека музичарите веќе користат ВИ алатки во различни фази од создавањето музика. Проблемот за организацијата е кога музиката практично ја создава генеративната технологија, особено кога се користат системи изградени врз снимки и изведби на други уметници.

– Уметниците веќе користат ВИ алатки во својата работа – порача извршната директорка на АРИА, Annabelle Herd, нагласувајќи дека правилата треба да овозможат простор за технологијата, но да ја зачуваат човечката природа на уметноста.

АРИА истовремено ги повика радиостаниците и другите што одлучуваат која музика ќе се промовира пред австралиската публика да преземат слични мерки за заштита на човечкото творештво.

Проблемот е многу поголем од една песна

Случајот со Фаваз се појавува во момент кога музичката индустрија ширум светот се обидува да најде начин да живее со генеративната ВИ.

Музичарите долго време се спротивставуваат на тоа нивните снимки да се користат за тренирање на ВИ-системи без нивна дозвола. Во исто време, продуцентите веќе користат ВИ за различни задачи – од миксирање и мастеринг до создавање звуци и помош при компонирањето.

Дополнителен проблем се таканаречените „AI spam“ песни. Spotify неодамна соопшти дека во период од една година отстранил околу 75 милиони спам-траки, што покажува колку брзо се зголемува количината на автоматски создадена музика на стриминг-платформите.

Новите австралиски правила се усогласуваат и со пошироките принципи на меѓународната музичка индустрија, која се обидува да воспостави заедничка граница меѓу музика создадена од луѓе со помош на технологија и музика создадена суштински од ВИ.

Всушност, Австралија почнува да одредува колку ВИ смее да биде автор за една песна и понатаму да се смета за човечко музичко дело.

 

Поврзани содржини