📽️ КАРДАШИЈАНОВИ СЕ СУДРИЈА СО СВОИТЕ ДИГИТАЛНИ ДВОЈНИЧКИ „Чекајте, дали сме и ние вештачка интелигенција?“

Новата сезона на реалното шоу „Кардашијанс“ започна со необично видео во кое вештачката интелигенција ги заменува Крис Џенер и нејзините ќерки.

1

Новата, осма сезона на реалното шоу „Кардашијанс“ започна со необично видео во кое вештачката интелигенција ги заменува Крис Џенер и нејзините ќерки. Но кога вистинските членки на семејството ќе се соочат со своите дигитални копии, ситуацијата станува прилично бизарна.

Воведното видео започнува со сцени во кои вештачки создадените верзии на познатото семејство уживаат во луксузни дестинации. Крис Џенер пие мартини на јахта во Сен Тропе, Кортни Кардашијан е во Јапонија со сопругот Тревис Баркер, а Клои Кардашијан оди на сафари во Кенија. Кендал и Кајли Џенер се појавуваат на забава во Версај, додека Ким Кардашијан е прикажана во скијачки центар во Швајцарија.






Потоа сите се собираат во Калабасас, каде што треба да започне снимањето на новата сезона. Но нивните дигитални двојнички почнуваат да се расипуваат: Клои добива неприродно големо око, увото на Ким отекува, а на Кајли ѝ израснува опашка.

Тогаш во просторијата влегуваат вистинските Крис, Кортни, Ким, Клои, Кендал и Кајли и се соочуваат со своите вештачки копии.

– Чекајте, па дали и ние сме вештачка интелигенција? Дали отсекогаш сме биле вештачка интелигенција – прашува Ким, на што Кортни ѝ одговара: Мислам дека ќе знаевме ако бевме вештачка интелигенција, Кимберли.

Дигиталната верзија на Крис потоа се обидува да објасни зошто вештачката интелигенција би била попрактична за снимање на шоуто. Според неа, виртуелните двојнички немаат проблеми со усогласување на распоредите, не им треба шминка, а можат да плачат на команда без да им се расипе шминката.

Вистинската Крис, сепак, не се согласува дека може да биде заменета.

– Не знам со кого мислите дека разговарате, но ова вистинско семејство не може да биде заменето – им возвраќа таа.

Ким се надоврзува дека не им е потребна вештачка интелигенција кога веќе имаат реалност, а Клои го притиска таканареченото копче за исклучување на дигиталните двојнички. Додека тие исчезнуваат, Крис им покажува среден прст.

– Вештачката интелигенција никогаш не би можела да нè замени – порачува Кортни.

Видеото завршува со натписот „The Kardashians: AI Could Never“ – односно, „Кардашијанс: Вештачката интелигенција никогаш не би можела“.

Но иако видеото очигледно е замислено како шега на сметка на технологијата, дел од публиката не беше воодушевена. Некои коментатори го оценија потегот како лицемерен, бидејќи семејството користи вештачка интелигенција за да испрати порака дека таа не може да ги замени вистинските луѓе. Други се запрашаа зошто воопшто било потребно да се создаде такво видео.

Клои на Инстаграм ги повика следбениците да го погледнат клипот до крај, реагирајќи на коментарите од луѓе кои, според неа, го оценувале уште во првите секунди.

Осмата сезона на шоуто започна на 8 октомври на платформата „Хулу“. Според официјалниот опис, новите епизоди ќе се занимаваат со љубовта, личните промени и новите животни поглавја, додека Крис и нејзините ќерки се обидуваат да ги усогласат деловните империи со приватните односи и личните предизвици.

 

Поврзани содржини