ТРАМП НАЈАВИ ДЕКА ЕЗЕРОТО ОНТАРИО ЌЕ СЕ ВИКА ЕЗЕРО АМЕРИКА „Повеќе не очекуваме да работиме со Онтарио“

Реториката меѓу САД и Канада, кои се во трговска војна, деновове е сè поостра - Трамп им порача на канадските лидери да „почнат да се однесуваат правилно“ или да се соочат со последици „многу полоши“ од постојните тарифи, а канадскиот премиер Марк Карни го обвини Вашингтон дека се обидува да ја потчини Канада.

74

Претседателот на САД, Доналд Трамп, среде ескалацијата на трговската војна со Канада, објави дека размислува за преименување на езерото Онтарио во Езеро Америка.

Ако се донесе, таквата одлука би потсетувала на минатогодишниот потег кога Трамп со извршна наредба еднострано го преименуваше Мексиканскиот Залив во Американски Залив.






САД и Канада моментално се во трговски спор, а се очекува Канада денеска да објави контрамерки на американските царини од 50 отсто, кои САД ги воведоа за одредени производи од Кандада во вредност од 20 милијарди долари, откако  претходно разговорите меѓу двете земји пропаднаа.

 

Фото: Принтскрин

 

„Соединетите Американски Држави сериозно размислуваат за промена на името на езерото Онтарио во Езеро Америка, со оглед на тоа што повеќе не очекуваме да работиме со Онтарио. Ви благодариме за вашето внимание на ова прашање!“, напиша Трамп на социјалната мрежа Трут соушл.

Реториката меѓу двете земји деновове е сè поостра. Вчера Трамп им порача на канадските лидери да „почнат да се однесуваат правилно“ или да се соочат со последици „многу полоши“ од постојните тарифи. Канадскиот премиер Марк Карни го обвини Вашингтон дека се обидува да ја потчини Канада.

Трамп се закани со нови тарифи од 50 проценти за канадските возила, автоделови и челик, а Карни одговори дека трговските барања на САД покажуваат дека Вашингтон сака да „уништи големи канадски индустрии“, вклучувајќи ги автомобилите, челикот и алуминиумот.

Канада и САД имаат еден од најголемите трговски односи во светот, со длабоко поврзани синџири на снабдување во автомобилската индустрија, енергетиката, земјоделството и во производството. Како резултат на тоа, продолжениот трговски конфликт би можел да има висока цена за бизнисите и работниците од двете страни на границата.

Се очекува министерот за финансии на Канада, Франсоа-Филип Шампањ, и тројца други членови на кабинетот денеска да ги соопштат деталите за олеснување за работниците кои се погодени од тарифите.

Карни вчера призна дека Канада можеби ќе мора да се откаже од одмазда со еднакви тарифи и наместо тоа да спроведе поцелни контрамерки, насочени кон заштита на канадските работници и бизниси. Претходно говореше дека контрамерките кон САД ќе бидат „долар за долар“.

Онтарио е едно од петте Големи Езера во Северна Америка и се наоѓа на границата меѓу Канада и САД. Иако е најмало од петте по површина, има огромно значење за водоснабдувањето, транспортот, индустријата и за екологијата на регионот.

Името потекнува од старо ирокезско име кое најчесто се толкува како „езеро со сјајни/убави води. Северниот брег му припаѓа на канадската провинција Онтарио, додека јужниот брег е во американската сојузна држава Њујорк.

На северозападниот брег се наоѓа Торонто, најголемиот град во Канада.

Фото: Принтскрин

 

Водата од езерото Ири преку реката Нијагара се слева во Онтарио, а на патот се наоѓаат Нијагарините Водопади.

Од Онтарио водата продолжува преку река Сент Лоренс до Атлантски Океан. Онтарио им овозможува на бродовите да патуваат од Атлантскиот Океан длабоко во Северна Америка и да пренесуваат жито, железна руда,
јаглен, сол, индустриски производи и други суровини.

Тоа е еден од најзначајните внатрешни пловни системи во светот.

Големите Езера заедно содржат околу 20% од површинската слатка вода на Земјата. Онтарио е и еден од главните извори на вода за милиони луѓе во Канада и САД.

Поврзани содржини