76 УАПСЕНИ ПО НАПАДИТЕ СО НОЖ ВО ПОЛСКИТЕ УЧИЛИШТА Полицијата проверила околу 50.000 училишта
По двата напада со нож во училишта, во кои загина 37-годишен вработен, а повеќе лица беа повредени, полската полиција проверила околу 50.000 училишта и регистрирала 231 инцидент.
Повеќе од 70 лица се уапсени во Полска по двата напада со нож во училишта, во кои едно лице загина, а повеќе беа повредени. Полската полиција денеска соопшти дека се приведени вкупно 76 лица, по инцидентите што се случија во средината на неделата.
Полицијата проверила околу 50.000 училишта низ земјата, објави на социјалната мрежа X. Во рамки на проверките биле регистрирани 231 инцидент во кои полициските службеници интервенирале поради основано сомнение за сторено кривично дело.
– Забележани се вкупно 231 инцидент во кои полициските службеници интервенираа поради основано сомневање за извршено кривично дело – соопшти полицијата.
Засега нема информации за идентитетот на уапсените.
Во четвртокот, 37-годишен училиштен домаќин беше убиен, а две лица беа повредени во напад со нож во училиште во Лешчидол-Новини, населено место на околу 70 километри североисточно од Варшава. Осомничен за нападот е 15-годишник.
Ден претходно, во средата, 19-годишник со нож повреди девет лица, од кои две потешко, во стручно училиште во Остроленка, град на нешто помалку од 100 километри северно од Варшава.
По нападите, полскиот премиер Доналд Туск во четвртокот нареди редовни полициски проверки во училиштата низ земјата. Многу училишта во регионот Мазовија, кој ја опкружува Варшава, вчера останаа затворени.
Туск изјави дека 15-годишниот осомничен за нападот во Лешчидол-Новини носел кацига со камера, со која го снимал злосторството.
Полицискиот оддел за кибер-криминал дополнително истражувал дали на социјалните мрежи постои предизвик што ги поттикнува младите да извршуваат вакви напади. Сепак, полицијата вчера соопшти дека засега нема индикации дека нападите се поврзани со таков предизвик.