„ЈА ИЗНЕСУВАА НА НОСИЛА, ЦЕЛАТА БЕШЕ МОДРА“ Сосетката на Хејден Панетиер двапати ја видела актерката во страшна состојба

Сосетката на Хејден Панетиер тврди дека најмалку шестпати повикала полиција поради случувањата во станот на актерката и нејзиниот поранешен партнер

67

Само неколку дена по ненадејната смрт на Хејден Панетиер, во јавноста излегуваат нови вознемирувачки детали за последните години од нејзиниот живот. Нејзината поранешна сосетка од Вест Холивуд, Миа Теразас, за „Page Six“ раскажала дека двапати ја видела актерката како ја изнесуваат од станот на носила, во текот на нејзината бурна врска со Брајан Хикерсон.

Првиот случај, според Теразас, се случил на 29 јули 2023 година, а вториот на 16 јануари 2024 година. Таа тврди дека во двата наврати Хејден изгледала повредено, со црвени траги и модринки на телото. Сепак, не е потврдено што ги предизвикало нејзините наводни повреди, ниту дали тие биле последица на семејно насилство.






– Видов како ја изнесуваат на носила. Брајан беше покрај неа, а јас ја прашав дали е добро – раскажала Теразас. Таа вели дека Хејден ѝ изгледала како да претрпела повреди и дека била видно исплашена. Ќерката на сосетката, која во тоа време живеела со неа, исто така тврди дека била сведок на овие ситуации.

Теразас тврди дека во периодот кога Хејден живеела во зградата, најмалку шестпати повикала 911 поради случувања во станот на актерката. Таа за „Inside Edition“ рекла дека била исплашена од Хикерсон и дека сметала дека во станот се случува нешто сериозно.

Според неа, заедницата на станарите во зградата во еден момент поставила известувања низ зградата со предупредување до станарите да повикаат полиција доколку го забележат Хикерсон. Известувањата, сепак, биле отстранети само една недела подоцна. Теразас тврди дека подоцна ѝ било кажано дека Хикерсон наводно се наоѓал на одвикнување од зависност.

Хикерсон има документирана историја на насилство врз Панетиер. Во 2021 година бил осуден на 45 дена затвор откако не оспорил две обвиненија за нанесување телесни повреди на актерката. Хејден подоцна отворено зборуваше за насилството во своите мемоари „This Is Me: A Reckoning“, објавени годинава.

Сепак, новите сведоштва за нејзината врска со Хикерсон не се доказ дека тој има каква било поврзаност со нејзината смрт. Хејден Панетиер почина на 16 август во Гринвил, Јужна Каролина, на 36 години. Била пронајдена без свест и со срцев застој во изнајмен стан. Обдукцијата не покажала знаци на траума, а официјалната причина за смртта сè уште не е утврдена.

Особено важен детал од полицискиот извештај е дека Хејден не била сама во станот кога била пронајдена. Со неа биле нејзиниот поранешен партнер Брајан Хикерсон и неговиот брат Зак. Според извештајот, токму двајцата ја пронашле актерката без свест и се јавиле на 911, по што екипите на итната помош пристигнале и долго време се обидувале да ја реанимираат.

Подоцна Зак Хикерсон раскажал дека Брајан ѝ дал Наркан, лек што се користи при предозирање со опиоиди, а двајцата правеле и давале и CPR додека чекале помош. На местото бил пронајден и Наркан, но тоа сè уште не е доказ дека причината за смртта било предозирање. Токсиколошките анализи треба да дадат одговор, а официјалната причина за смртта сè уште не е утврдена.

Нејзината мајка Лесли Вогел во меѓувреме јавно проговори за ќерката, а во новите изјави изнесе и тврдења дека Хикерсон пред смртта на Хејден наводно заложувал дел од нејзините лични предмети, меѓу кои и стара гитара. Хикерсон преку адвокат порача дека истрагата за смртта продолжува и дека нема знаци на насилна смрт.

Поврзани содржини