🎥 НЕ МОЖЕТЕ ДА ГО НАЈДЕТЕ ВИСТИНСКИОТ? Пуштете ја песната на Дуа Липа и замислете го идеалниот маж за себе

Стиховите на песната „Training Season“ од Дуа Липа се претворија во љубовна мантра со која илјадници жени на Тик-Ток се молат да го најдат идеалниот маж кој си го замислиле. Трендот се темели токму на љубовната приказна на пејачката

44

Песната „Training Season“ на Дуа Липа доби сосема нов живот на социјалните мрежи. Наместо само да ја пеат и танцуваат на неа, илјадници жени ја користат како своевидна „мантра“ за да го замислат, или како што велат на Тик-Ток – да го манифестираат својот идеален маж.

Тие прават списоци со особините што ги сакаат кај партнерот, снимаат видеа и ја користат песната како музичка подлога за својата потрага по „оној вистинскиот“.






@jessienorbz

training season’s OVER BABE @Maddyjoybockett 🙏🏼 #single #trainingseason #breakup #healing

♬ Training Season (Live from the Royal Albert Hall) – Dua Lipa

„Training Season“ и самата не е класична љубовна песна. Дуа Липа ја напиша по низа разочарувачки состаноци и врски, во момент кога, како што објаснуваше самата, ѝ здодеало да ги „обучува“ мажите како да се однесуваат во врска. Песната всушност зборува за тоа да знаеш што сакаш, да имаш јасни стандарди и да не прифаќаш нешто помалку.

Токму тука почнува и приказната што го направи трендот толку популарен. Фановите забележаа дека Дуа Липа претходно зборувала за тоа дека ги запишува работите што ги посакува и верува во моќта на „манифестирањето“.

@mariiashakolina

♬ Training Season (Live from the Royal Albert Hall) – Dua Lipa

По „Training Season“, во нејзиниот живот се појави британскиот актер Калум Тарнер, со кого се венча годинава. За обожавателите, тоа е очигледно доволно за да ја претворат песната во своевиден рецепт за наоѓање идеален партнер.

На Tик-Ток сега можат да се најдат видеа во кои девојки пишуваат каков маж сакаат – не само како изгледа, туку и како се однесува, како комуницира и што очекуваат од врската – додека во позадина свири хитот на Дуа Липа. Се појавуваат пораки како „Мојата Training Season заврши“ и „Манифестирам со Дуа Липа“, а трендот дополнително се засили откако и самата пејачка повторно ја пееше песната со пријателките.

@teamdua.hq

manifesting with the girls 🙏 #dualipa #trainingseason

♬ original sound – Dua Lipa

 

Корени во New Age филозофијата

Како што пишува францускиот „Vogue“, идејата за манифестирање е силно поврзана со New Age филозофијата. Во книгата „The Power of Your Subconscious Mind“, објавена во 1963 година, Џозеф Марфи ја застапува идејата дека нашите мисли и уверувања влијаат врз нашето однесување и врз начинот на кој ја доживуваме реалноста.

Според оваа теорија, важно е да се ослободиме од несвесните блокади што нè спречуваат да го оствариме она што го посакуваме. Кога станува збор за љубовта, „манифестирањето“ на идеален сопруг затоа не би значело едноставно да му испратиме желба на универзумот, туку јасно да дефинираме каков партнер сме подготвени да пуштиме во својот живот.

А тука доаѓаме до можеби поинтересниот дел од целиот тренд. Што ако „сезоната на тренирање“ всушност не е наменета за мажите од песната, туку за оние што ја слушаат?

Манифестирањето идеален сопруг, барем во ова поприземно толкување, не значи да очекуваме тој едноставно да ни се појави пред врата. Повеќе станува збор за тоа да станеме свесни каква личност и каква врска сакаме, за полесно да ги препознаеме кога ќе ги сретнеме.

Можеме ли навистина да го „истренираме“ мозокот?

Во книгата „The Mind Magic“, неврохирургот Џејмс Р. Доти не го опишува манифестирањето како некаква мистична магија, туку го поврзува со начинот на кој функционира нашиот мозок. Притоа се повикува на невропластичноста, односно способноста на мозокот да се менува и приспособува.

Тоа, сепак, не значи дека постојат научни докази дека со своите мисли можеме да „привлечеме“ одредена личност или настан. Невропластичноста е реален и добро истражен процес, а истражувањата покажуваат и дека одредени практики, како медитацијата, можат да влијаат врз стресот, емоциите и начините на размислување.

Со други зборови, она што можеме да го менуваме не се надворешните околности само со силата на желбата, туку пред сè сопствените навики, очекувања, внимание и начинот на кој носиме одлуки.

Можеби, значи, поентата на виралниот тренд не е секоја жена со „Training Season“ да си го „манифестира“ сопствениот Калум Тарнер. Многу пореално е јасното размислување за тоа каков партнер и каква врска сакаме да ни помогне полесно да ги препознаеме кога ќе се појават.

 

Поврзани содржини