ДОАЃА НОВО ПОСКАПУВАЊЕ НА ХРАНАТА ВО СВЕТОТ Кои намирници ќе бидат на удар?
Според анализата на Oxford Economics. глобалните цени на храната годинава ќе пораснат за 11,8%, додека следната година ќе пораснат за уште 4,8%.
Цените на храната во светот би можеле значително да пораснат оваа година. Најголем раст се очекува кај пченицата, што би можело да доведе до зголемување на цената на лебот и тестенините, оценува британската компанија за економски анализи „Оксфорд економикс“ (Oxford Economics).
Според анализата, глобалните цени на храната годинава ќе пораснат за 11,8%, додека следната година ќе пораснат за уште 4,8%.
Житарките, овошјето, зеленчукот и млечните производи би требало најмногу да поскапат. Екстремната топлина и суша ги уништуваат посевите низ Европа, а земјоделците се соочуваат и со високи цени на енергијата и ѓубривата, кои се погодени од војните на Блискиот Исток и Украина.
По топлотниот бран во Европа, бриселското здружение на трговци со житарки и маслодајни растенија Коцерал (Coceral) во јули ја намали прогнозата за жетвата на житарки во Европската Унија и Обединетото Кралство од 295,5 на 286,6 милиони тони. Минатата година, жетвата изнесуваше 310 милиони тони, пишува Euronews.
Трошоците на земјоделците исто така растат поради прекините во снабдувањето со нафта и други суровини, предизвикани од блокадата на Ормускиот Проток поради војната во Иран. Цените на дизелот на светско ниво во јули беа за 36% повисоки отколку една година претходно, делумно поради блокадата на Ормускиот Проток.
„Оксфорд економикс“ очекува цените на ѓубривата да пораснат за 22% оваа година.
Томас Дворак, виш економист во „Оксфорд економикс“, тврди дека најголемото влијание врз глобалните цени на храната има „војната меѓу САД и Иран и нејзиното влијание врз ресурсите потребни за производство, првенствено дизел, природен гас и ѓубрива“.
Војната во Украина, исто така, силно влијае на пазарот на храна.
-Русија и Украина заедно сочинуваат нешто помалку од 30 проценти од светскиот извоз на пченица и повеќе од 10 проценти од извозот на пченка – оценува Дворак.
Нападите врз руските и украинските пристаништа, терминали и бродови, како и попречениот извоз преку Црното и Азовското Море, би можеле да го загрозат годишниот капацитет за извоз на жито од 86 милиони тони. Ова е речиси 17% од вкупниот светски извоз на житарки.
-Културите – житарки, овошје и зеленчук – и млечните производи ќе бидат најтешко погодени. Ова ќе влијае и на цените на преработените производи како што се лебот, сирењето, виното или маслото. Од друга страна, месото треба да биде помалку погодено – вели Дворжак.
„Оксфорд економикс“ очекува дека во третиот квартал од 2026 година цената на пченицата да биде за 36% повисока од претходната година и ќе достигне околу 4,40 евра за приближно 20 килограми.
-За свежата храна, првенствено овошјето и зеленчукот, влијанието ќе биде брзо и веројатно видливо во продавниците за два до три месеци. За преработената храна, процесот трае подолго поради времето потребно за берба и преработка. Очекуваме врвно зголемување на цените за шест до девет месеци – објасни Дворжак.
Ова значи дека цените на свежата храна би можеле да почнат да растат посилно во октомври и ноември оваа година, додека најголемото зголемување на цените на преработената храна се очекува помеѓу февруари и мај следната година.