ЗОШТО Е ДОБРО ДА ПИЕТЕ СОК ОД КРАСТАВИЦИ? Малку калории, многу вода и минерали, идеално за летните жештини
Богат со вода и минерали, овој едноставен напиток може да биде одличен избор во топлите денови, а има и бројни здравствени придобивки
Кога температурите се високи, најважно е организмот да добива доволно течности. Покрај обичната вода, добар начин за внесување дополнителна течност може да биде и напитокот од свежа краставица. Овој зеленчук содржи повеќе од 96 отсто вода, а покрај неа обезбедува и одредени количини на калиум, магнезиум, калциум и малку железо. Покрај тоа, калиумот и магнезиумот во краставиците се во многу добар сооднос со натриумот, што е важно за отстранување на вишокот вода од телото и ублажување на стресот врз срцето. Благодарение на ова, краставиците ги чистат цревата, го зајакнуваат имунолошкиот систем и сврзното ткиво, помагаат при изгореници од сонце и ги ублажуваат проблемите со очите.
Според тоа, самиот сок од краставица има бројни здравствени придобивки. Има корисен ефект врз тенкото црево, бубрезите, белите дробови и кожата, а го намалува и шеќерот во крвта. Научниците го проучуваат и ефектот на разни супстанции во краставиците врз превенцијата од одредени видови рак.
Краставицата е исклучително сиромашна со калории, па свежиот напиток од неа може да биде освежувачка алтернатива на засладените сокови. Во околу 100 грама свежа краставица со кора има само околу 15 калории, а се внесуваат и околу 147 милиграми калиум и 16,4 микрограми витамин К.