ИЗГОРЕА НЕКОЛКУ СТАРИ КУЌИ ВО ПРИЛЕПСКОТО СЕЛО ЧАНИШТЕ Ангелов се сомнева дека и овој пожар е подметнат

Пожарникарите веднаш тргнале кон селото, но во моментот кога навлегле пожарот почнал да навлегува меѓу првите куќи од различни правци, што значи дека најверојатно е подметнат, бидејќи линијата на огнот била доста долга, вели директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Стојанче Ангелов.

80

Пожарот што избувна попладнево во близина на прилепското село Чаниште се прошири и навлезе во делови од селото и според првичните информации изгореа неколку стари куќи и една во која живееле повозрасни лица, рече директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Стојанче Ангелов.

Нема повредени мештани и пожарникари.






Ангелов изрази сомнеж дека пожарот е подметнат.

Освен пожарникарите од Прилеп и локалното население, на терен е и тимот за брза интервенција на ДЗС и припадниците на доброволното противпожарно друштво „Архангел“ од Битола.

Дополнително ќе биде утврдено како ќе се гаси пожарот бидејќи се шири во три различни правци надвор од селото.

– Денеска околу 13:30 часот прилепските пожарникари добиле повик дека настанал пожар на отворен простор во близина на селото Чаниште, одалечено околу 35 километри од Прилеп, со доста лош пат полн со свиоци поради што е потребно еден час да се стигне во селото. Пожарникарите веднаш тргнале кон селото, но во моментот кога навлегле во селото пожарот почнал да навлегува меѓу првите куќи. Пожарот навлегол во селото од различни правци што значи дека најверојатно е подметнат, бидејќи линијата на огнот била доста долга – изјави Ангелов.

Ангелов апелираше на внимателно однесување.

– Доволна е само искра да настане катастрофа. Замолувам граѓаните да го пријават секое сомнително однесување. Деновиве сме затрупани со намерни палежи – потенцира Ангелов.

Поврзани содржини