„ДАЈТЕ ИМ НА БРИТАНЦИТЕ ТРИ ДЕНА ДА НАУЧАТ ДА ДИШАТ ПОД ВОДА“ Човек на Путин повика Русија да ја нападне Британија со нуклеарниот „Посејдон“

Повикот на ТВ водителот Соловјов доаѓа по извештаите дека Украина употребува беспилотни летала од британско производство за напади врз цели длабоко на руска територија.

369

Рускиот телевизиски водител и еден од најгласните пропагандисти на Кремљ, Владимир Соловјов, повика Русија да ја нападне Велика Британија со нуклеарното подводно оружје „Посејдон“.

– Удрете ги со Посејдон – рече Соловјов во емисија на руската државна телевизија, додавајќи дека на Британците треба да им се дадат „три дена да научат да дишат под вода“.






Повикот следува по извештаите дека Украина употребува беспилотни летала од британско производство за напади врз цели длабоко на руска територија, меѓу кои индустриски и логистички објекти. Соловјов побара да бидат нападнати британските фабрики за оружје, пристаништата и бродовите што учествуваат во снабдувањето на Украина, а се заложи и за затворање на британската амбасада во Москва и зс протерување на британските новинари.

Ова не е првпат Соловјов да бара директен руски напад врз Велика Британија. Во мај годинава тој повика да биде нападната фабриката во Стивениџ, каде што компанијата МБДА ги произведува крстосувачките ракети „Сторм шедоу“, откако овие британски ракети беа употребени од украинската армија за напади врз руски цели.

– Тоа е Велика Британија. Па што? – изјави тогаш Соловјов.

Владимир Соловјов е долгогодишен водител на една од најгледаните политички емисии на државниот канал „Русија 1“ и е познат како еден од најгласните медиумски поддржувачи на Владимир Путин и на војната во Украина.

Тој нема функција во руската влада или во воениот врв и неговите повици не претставуваат официјална наредба или објавена политика на Кремљ, но неговите емисии се дел од рускиот државен медиумски систем, а Соловјов повеќепати јавно повикувал на напади врз членки на НАТО.

„Посејдон“, оружјето што Соловјов сега предлага да биде употребено против Британија, е руски нуклеарно погонуван подводен дрон проектиран да носи нуклеарна боева глава.

Неговата закана доаѓа во период на сè поостра конфронтација меѓу Москва и Лондон поради британската воена помош за Киев и украинските напади врз цели во Русија, но засега нема официјална најава од Кремљ дека Москва планира напад врз Велика Британија.

Поврзани содржини