МИСАЈЛОВСКИ ВЕТИ ПОВИСОКИ ПЛАТИ И ПОДОБРИ УСЛОВИ ЗА ВОЈСКАТА На 18 август се слави воената професија

Централната свеченост по повод Денот на Армијата ќе се реализира утре 18 август во Центарот за обука на вода - Билјанини извори во Охрид.

53

Пред платото на Министерството за одбрана и Генералштабот, по повод 18 Август – Денот на Армијата, денеска се одржа свечен собир на припадниците на Армијата и вработените во одбраната, на кој се обратија министерот за одбрана, Владо Мисајловски и началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски.

Министерот Мисајловски упати благодарност до сите вработени.






– Вашиот труд, вашата посветеност и професионалност која ја покажувате секојдневно ни овозможува да бидеме една од најорганизираните институции во државата. За сите нас, за Македонија, успехот ќе ни биде загарантиран само ако продолжиме посветено да работиме, да продолжиме да функционираме како едно големо семејство кое го обединува заедничка цел: Македонија да продолжи да се развива и да изградиме подобра држава за следните поколенија – рече тој.

Мисајловски на вработените им порача дека ќе продолжат да бидат вреднувани затоа што тие се столбот на одбраната.

– Кон секој предизвик пристапувавме од исто стојалиште и иста перспектива – се поддржувавме во секој момент и за доброто на секој војник, подофицер, офицер и вработен во одбраната. Носиме одлуки кои ќе нè направат посилни и токму затоа сакам да нагласам дека работиме и на повисоки плати и подобри услови за работа – рече Мисајловски.

Началникот на Генералштабот, генералот Лафчиски истакна дека 18 Август е „денот кога ја славиме воената професија, професија која се темели на чест, дисциплина, одговорност, лојалност, професионализам и патриотизам. Тоа се вредностите по кои секојдневно се препознаваме – вредности кои се во кодот на секој армиски припадник“.

Генералот Лафчиски наведе дека изминатата година беше година на значајни резултати и потврда дека Армијата продолжува да ги развива своите способности и да ги исполнува највисоките национални и НАТО стандарди.

Во рамки на свеченоста, делегација од Министерството за одбрана и Генералштабот, предводена од министерот Мисајловски, заедно со семејствата на загинатите бранители, положи свежо цвеќе пред спомен-обележјето на загинатите бранители пред зградата на Министерството, оддавајќи им почит за нивната храброст и пожртвуваност. Претходно, на градските гробишта во Бутел, владина делегација предводена од министерот положи венци со свежо цвеќе на партизанските гробишта и на вечните почивалишта на загинатиот претседател Борис Трајковски, поранешниот претседател Киро Глигоров и на генералот Михаило Апостолски.

Централната свеченост по повод Денот на Армијата ќе се реализира утре 18 август во Центарот за обука на вода – Билјанини извори во Охрид.

Поврзани содржини