САНКЦИИТЕ ПРОТИВ РУСИЈА ЌЕ СЕ ЗГОЛЕМАТ ЗА ТРЕТИНА Калас предлага најсеопфатен пакет од почетокот на војната

Високата претставничка на ЕУ Каја Калас најави дека наесен ќе предложи нов пакет санкции против Русија, кој би бил најсеопфатен од почетокот на војната во Украина.

49

Европската Унија наесен планира значително проширување на санкциите против Русија, при што бројот на санкционирани руски физички и правни лица би можел да се зголеми за една третина, изјави високата претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, Каја Калас.

– Санкциите на ЕУ досега ја чинеле руската воена машинерија повеќе од еден трилион евра, а наесен предлагам најсеопфатен список на санкции од почетокот на војната – изјави Калас за германскиот весник „Велт“.






Таа додаде дека, доколку новите мерки бидат усвоени, вкупниот број санкционирани руски субјекти веднаш ќе се зголеми за една третина.

– Притисокот мора да продолжи да расте сè додека Москва не ја заврши војната – порача Калас.

Калас не откри кога точно би бил предложен новиот пакет, ниту даде детали за тоа кои руски физички и правни лица би можеле да бидат опфатени со санкциите.

ЕУ во јули го усвои последниот пакет санкции против Русија поради војната во Украина. Мерките, меѓу другото, беа насочени кон рускиот банкарски сектор и мрежите поврзани со криптовалути.

Новото проширување би било дел од продолжените напори на ЕУ за зголемување на економскиот и политичкиот притисок врз Москва поради продолжувањето на војната во Украина.

Поврзани содржини