ЕУ РАЗГЛЕДУВА 160 АПЛИКАЦИИ ЗА НОВИ РУДНИЦИ Формулата е „и екологија и рударство“, наша единствена инвестиција останува „Иловица-Штука“

Истражувањето на наоѓалиштето покажало дека рудникот во Иловица би можел да биде во функција 23 години и да произведува над 16.000 тони бакар годишно. Како што соопшти инвеститорот, откако ќе се исцрпат капацитетите, во период од две години ќе се демонтира и отстранува рударската постројка, а земјиштето ќе биде рекултивирано.

0

Во јавната дебата често се наметнува паралелата „или екологија или рударство“, но реалното европско искуство го покажува спротивно – земјите со едни од највисоките еколошки стандарди го развиваат ископот на суровини. Наскоро се очекува Брисел да ги објави резултатите од вториот повик за финансиска помош за рударски проекти, на кој биле поднесени дури 160 апликации. Со цел да не биде зависна од трети земји ЕУ ги забрза процедурите за дозволи за ископ на критични минерали, но во сила останаа строгите научни проценки, мониторингот, финансиските гаранции и обврската за рекултивација на просторот.

Токму поради влијанието врз животната средина, кај нас беше ревидиран проектот во единствената актуелна инвестиција во металичен рудник во Македонија, за ископ на бакар во Иловица. Од компанијата „Еуромакс ресоурцес“ истакнаа дека нема да користат цијанид, ниту сулфурна киселина, во било која фаза од процесот. Истражувањето на наоѓалиштето покажало дека рудникот би можел да биде во функција 23 години и да произведува над 16.000 тони бакар годишно. Како што соопшти инвеститорот, откако ќе се исцрпат капацитетите, во период од две години ќе се демонтира и отстранува рударската постројка, а земјиштето ќе биде рекултивирано. За оваа цел компанијата се задолжила да создаде фонд од 30 милиони евра, кој ќе биде наменет за пошумување и за обнова на вегетацијата во пасишта.






Но, инвестициите во рударството кај нас или не се остваруваат или пак се во застој, каков што е случајот сега со „Иловица-Штука“. Од друга страна, Унијата отвора фондовите и доделува средства преку Европската инвестициска банка за нови рудници кои ќе бидат дефинирани како стратешки проекти.

„Големиот број апликации ја покажува важноста на Директивата за критични суровини, за обезбедување јасност за промоторите на проекти, потенцијалните инвеститори, индустријата и земјите-членки. За индустријата, овие проекти ќе помогнат во диверзификацијата на снабдувањето и изградбата на синџир во согласност со целите на Директивата, обезбедувајќи безбеден пристап до материјали неопходни за стратешките енергетски, дигитални и одбранбени сектори. Ова е камен-темелник на економската безбедност и долгорочната стратешка автономија на Европа“, соопшти Европската Комисија.

Од Комисијата додадоа дека според апликациите, 75 проекти би можеле да го поддржат вредносниот синџир за батерии, 21 се фокусираат на ретки земни елементи за трајни магнети (од витално значење за ветерни турбини и други обновливи извори), додека повеќе проектни апликации се однесуваат на елементи потребни во одбраната. Комисијата примила 95 апликации од земји-членки на ЕУ и 66 од земји вон ЕУ, вклучувајќи 40 апликации од земји со кои Брисел има склучено стратешко партнерство за суровини.

Првата рунда на селекција во 2025-тата година дефинираше 47 стратешки проекти во ЕУ и 13 проекти во партнерски земји. Дел од нив се во Шведска, која е несомнено меѓу земјите со највисоки еколошки перформанси во светот, но во исто време останува водечка земја во рударството во Европската Унија.

Најновиот статистички извештај од Шведскиот геолошки завод – SGU покажува дека во 2025 година во земјата работеле 13 металиччни рудници. Шведска најмногу ископува железна руда, бакар, цинк, олово, злато и сребро. На листата е и Финска, која има развиена индустрија за злато, никел, бакар, кобалт, хром и индустриски минерали. Австрија нуди еден од највпечатливите европски примери за „екологија и рударство“. Со примена на современи технологии работи рудникот Митерсил во покраината Салцбург, каде се вади шелитна руда за производство на волфрам. На југот на Шпанија, регионот Андалузија е центар на рударството на метали.

Во својот извештај од 2025 година, ОЕЦД наведува дека Андалузија обезбедува 35% од рударското производство на Шпанија, концентрира 30% од вработеноста во шпанскиот рударски сектор, сочинува околу 90% од рударството на метали во земјата и е втор најголем производител на бакар во ЕУ.

Поврзани содржини