ПОВЕЌЕГОДИШНИ ПРОПУСТИ СТОЈАТ ЗАД ПРОБЛЕМОТ СО ВОДАТА ВО ГОСТИВАР Ангелов ја впери одговорноста кон локалната власт

Водата во Гостивар повторно е безбедна за пиење, но Стојанче Ангелов тврди дека кризата не се појавила преку ноќ. Според него, зад проблемот стојат повеќегодишни пропусти на локалната власт, а најголем предизвик било чистењето на цевководот.

85

Повеќегодишни пропусти на локалната власт стојат зад проблемот со водата во Гостивар, тврди директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Стојанче Ангелов. Оценката Ангелов ја изнесе зборувајќи за чекорите кои биле преземени во кризната состојба.

Претходно заедно со Кризниот штаб наполни чаша од јавна чешма за да покаже дека водата е безбедна за пиење.






Зборувајќи за кризата со водата која претходеше во Гостивар, Ангелов истакна дека по избивањето на епидемијата веднаш бил активиран Главниот штаб за управување со кризи. Владата потоа прогласила кризна состојба на територијата на Гостивар.

Во испитувањата биле вклучени три сертифицирани и акредитирани лаборатории. Стручна помош давале и повеќе државни институции и локалниот кризен штаб.

Цевководот, најголем предизвик

Најголем предизвик, според Ангелов, било чистењето на цевководот. Било спроведено хлорирање, а потоа водата била проверувана за присуство и ширење на заостанати бактерии низ системот.

– Нашата цел не беше да брзаме, нашата цел беше тогаш кога водата ќе биде сигурна и безбедна за пиење, забраната да биде тргната – изјави Ангелов.

Тој оцени дека институциите успешно се справиле со кризата. Ја пофалил и соработката со локалниот општински штаб.

Се правеле стотици анализи, но остана неодговорено прашање

Раководителот на локалниот штаб Зуди Џелили изјави дека кризата била сериозен предизвик. Според него, институционалната соработка овозможила состојбата да биде надмината.

Првиот човек на Центарот за јавно здравје во Тетово, Шаќир Зулбеари, рече дека годишно се прават 400 анализи на мостри за Гостивар. Уште толку се прават за Тетово.

Зулбеари, сепак, не даде директен одговор какви биле резултатите непосредно пред прогласувањето на кризната состојба.

– Кога требало да се реагира, секогаш се реагирало. Сите резултати се доставени таму каде што треба и таму се – рекол Зулбеари.

 

Повеќе вода, но и повеќе испитувања

Во однос на надминувањето на актуелните проблеми со намалениот притисок во водоводниот систем, првиот човек на локалниот штаб, Зуди Џелили посочи дека ЈП „Комуналец“, општинското раководство интензивно работат да ја зголемат количината на водата во населбите: Горна и Долна Бањица, Фазанерија и Циглана.

Една од мерките кои ќе се спроведуваат во наредниов период и зголемување на бројот испитувања на водата. Па така наместо две контроли неделно, ќе се прават по три анализи на водата од водоводот.

– За населените места каде има недостиг на вода и се интервенира. Се работи и на резервоарот во Горна Бањица кој за кратко ќе биде во употреба. На тој начин, количински со вода ќе се обезбедат четири населби каде има низок притисок на вода или па имале недостиг на вода. На овој план ќе се работи и во иднина и во поглед на количеството и квалитетот – рече Џелили.

„Малку подомаќински со водата“

Ангелов, пак, во одговор на новинарско прашање изјави дека локалните власти во иднина ќе треба подмоќаински да работат во иднина, додека истрагата ја проверува вината.

– Да, во овој момент завршува кризата во Гостивар. Но, се надевам на подомаќински работење во иднина, бидејќи факт е дека она што се случувало во водоводот е недозволиво. За тоа ќе се погрижат Јавното обвинителство и судот коишто ќе проверат дали има нечија вина – рече Ангелов.

По давањето на ијавите, на предлог на Стојанче Ангелов, директор на ДЗС, членовите на кризниот штаб излезе пред згардата на општината и од јавна чешма се напија вода.

Поврзани содржини