ГОЛЕМА БИТКА ЗА СУПЕРКУПОТ Во Салцбург ПСЖ ја брани круната, Астон Вила брка историја

Парижаните ја бранат титулата, додека Астон Вила по повеќе од четири децении повторно се бори за европскиот Суперкуп.

68

Европската фудбалска сезона 2026/27 започнува со голем спектакл. Вечерва од 21 часот на „Штадион Салцбург“ во Австрија, актуелниот европски шампион Пари Сен Жермен ќе се соочи со победникот на Лига Европа, Астон Вила, во борбата за трофејот во УЕФА Суперкупот.

ПСЖ во натпреварот влегува како актуелен шампион на Европа, откако минатата сезона го освои трофејот во Лигата на шампионите. Францускиот гигант ќе се обиде да ја продолжи доминацијата и да го освои Суперкупот втора година по ред.






Астон Вила, пак, во Истанбул го освои трофејот во Лига Европа со убедливата победа од 3:0 над Фрајбург, со што стави крај на 44-годишното чекање на меѓународен трофеј.

Овој дуел носи и дополнителна приказна бидејќи ПСЖ и Астон Вила се сретнаа во четвртфиналето на Лигата на шампионите во сезоната 2024/25. Парижаните тогаш се пласираа понатаму по драматична пресметка со вкупни 5:4.

Тренерот на ПСЖ, Луис Енрике, најави дека неговиот тим во новата сезона влегува со исти амбиции.

– Целта е да докажеме колку можеме да бидеме непредвидливи. Одиме во новата сезона со истата амбиција и истата желба за победа – изјави Енрике.

ПСЖ ќе има огромна мотивација да го освои трофејот и да стане само вториот клуб во модерната ера што успеал да го одбрани Суперкупот на УЕФА, по Реал Мадрид во 2016 и 2017 година.

Од другата страна, Унаи Емери ќе се обиде да го освои трофејот што му недостига во богатата тренерска кариера. Шпанскиот стратег има дури пет титули во Лига Европа, но никогаш не го освоил Суперкупот и ги загубил претходните три финалиња во ова натпреварување.

– Ова е огромна можност да освоиме пехар и да се измериме против Пари Сен Жермен, кој во моментов е најдобриот тим во светот – порача Емери.

За Астон Вила ова ќе биде прв настап во Суперкупот по повеќе од четири децении. Последен пат клубот играше во ова натпреварување во сезоната 1982/83, кога го победи европскиот шампион Барселона.

Астон Вила во Салцбург ќе биде без неколку важни фудбалери. Емилијано Мартинез, Езри Конса и Оли Воткинс нема да настапат поради задолжителниот одмор по настапот на неодамнешното Светско првенство.

Поради повреди ќе отсуствуваат и Амаду Онана и Јохан Манзамби, додека Леон Бејли остана во Англија поради мускулен проблем.

Добра вест за Емери е враќањето на капитенот Џон Мегин, а шанса за деби би можеле да добијат новите засилувања.

ПСЖ, од друга страна, има многу поширок ростер, но и кај францускиот тим постои одредена неизвесност бидејќи дел од најважните фудбалери се приклучија на подготовките дури во понеделникот, по продолжениот одмор.

Меѓу нив се Усман Дембеле, Бредли Баркола, Фабијан Руиз, Ашраф Хакими и Ворен Заир-Емери.

Голема опасност за голот на Астон Вила ќе биде Хвича Кварацхелија, кој ги мина комплетните подготовки со ПСЖ.

Една од клучните битки се очекува да се води во средниот ред. Астон Вила има предност во воигранoста, додека ПСЖ располага со исклучително креативни играчи кои можат да го контролираат темпото на натпреварот.

Особено се очекува дуелот меѓу средниот ред на Вила и креативците на ПСЖ, предводени од Витиња и Жоао Невеш.

Интересно е и правилото за финалето – доколку натпреварот заврши нерешено по 90 минути, нема да има продолженија, туку победникот веднаш ќе се решава со изведување пенали.

Сите очи во среда навечер ќе бидат вперени кон Салцбург, каде европскиот шампион и победникот на Лига Европа ќе се борат за првиот голем трофеј во новата сезона.

Главен судија на натпреварот е Сомалиецот Омар Артан кој ќе има целосно африканска екипа на помошни судии. Негови асистенти ќе бидат Џибутиецот Либан Абдулразак Ахмед и Кениецот Стивен Јиембе, додека четврти судија ќе биде Словенецот Раде Обреновиќ. Во ВАР-собата ќе бидат Италијанецот Марко Ди Бело и Шпанецот Гиљермо Куадра Фернандез.

📽️ ТРАМП ГО ДЕПОРТИРАШЕ, НО УЕФА МУ ДАДЕ ИСТОРИСКА ШАНСА Судијата Омар Артан ќе го суди Суперкупот меѓу ПСЖ и Астон Вила

Поврзани содржини