ПРВИТЕ 30 ЕЛЕКТРИЧНИ АВТОБУСИ ТРЕБА ДА СТИГНАТ ВО ДЕКЕМВРИ ИЛИ ВО ЈАНУАРИ Автопатот Кичево-Охрид треба да биде завршен до првиот квартал на 2027 година

Вицепремиерот Николоски најави рокови за три големи проекти. Автопатот Кичево-Охрид треба да заврши најдоцна до март 2027 година, а градскиот воз кој ќе поврзува шест точки во Скопје стартува од 1 септември. Првите 30 електрични автобуси приститнуваат најдоцна до јануари.

1,270

„Првите 30 електрични автобуси се очекуваат да стигнат во државава во декември или во јануари, а набавката на вкупно 150 се очекува да заврши за година и половина. Била поднесена една жалба која денеска е отфрлена од Второстепената комисија за жалби по јавни набавки“.

Вака соопшти вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.






Зборувајќи за други инфраструктурни проекти, Николоски за капиталниот проект автопат Охрид – Кичево соопшти дека градежните активности ќе завршат во првиот квартал на 2027 година, а во кој месец точно ќе зависи од тоа каква ќе биде зимата.

– Ако е блага зима, можеби јануари, ако е остра зима можеби ќе почекаме до март затоа што се работи за планински терен. Но, веќе зборуваме за месеци кога ќе се заврши, а не за години и децении, какви што, за жал, го следеа овој автопат – рече Николоски додавајќи дека откако целиот проект ќе биде завршен ќе ги презентира и сите факти и проблеми со овој проект, со кои се соочиле во изминатите две години.

Вицепремиерот соопшти и дека утре Министерството ќе има координација со Железница, Град Скопје и ЈСП за да се утврдат возните редови на Градскиот воз кој ќе почне да сообраќа од 1 септември, при што ќе се имаат предвид потребите на средношколците и студентите.

Како што рече, градежните рабптои се веќе во финална фаза, а до 21 август треба да има технички прием на линијата која треба да оди од Зелениково преку Драчево, Лисиче, Аеродром, Кисела Вода и Железничка станица. Ќе бидат во функција најновите купени возови со најмалку три гарнитури – две електрични и една дизел.

Николоски рече и дека МВР ја истражува  големата кражба во електровлечната потстаница Драчево од пред две недели, со штета проценета помеѓу три до пет милиони евра, со што е оштетена критичната железничка инфраструктура.

– Сторителите ќе бидат откриени затоа што е толку тешка кражбата така што не може повеќе од 20-30 луѓе во државата да ја направат – да се исече високонапонска струја, да се кренат 27-тонски транформатори, за тоа треба механизација. Така што горе-долу знаеме кои се луѓето што ова може да го направат, сега МВР истражува за точно да се открие кој го направил тоа. Направено е како на филм – таму е отидено со градежна механизација и со врвни експерти со цел да се извади бакарот од двата трансформатора и да се продаде на црниот пазар, затоа што бакарот на  светските берзи сега има виосока цена. Се врши инспекција и на  сите отпади за железо и останати метали. Некому ова му се видело како добар бизнис. Штетата е од 3 до 5 милони евра, а не дај Боже можеше да се случи и нешто трагично на железницата – изјави Николоски.

Поврзани содржини