БРЗА ПРУГА СКОПЈЕ-СОЛУН, ГЕВГЕЛИЈА КАКО НОВ ЦЕНТАР, НОВИ АВИОЛИНИИ Туризмот е приоритет број еден за Владата
Пратеникот Александар Јамалов од ВМРО-ДПМНЕ ги истакна проектот за брзата пруга Скопје-Солун, проектите во и околу Гевгелија со кои градот треба да стане нов туристичко-економски центар и новите 21 авиолинија од есента 2024 до денес како столбови на новите промени.
Чекорите кои ги презема Владата се доказ дека туризмот е еден од главните стратешки приоритети, вели пратеникот Александар Јамалов на партиска прес-конференција.
Јамалов ги истакна проектот за брзата пруга Скопје-Солун, проектите за Гевгелија со кои градот треба да стане нов туристичко-економски центар и новите 21 авиолинија од есента 2024 како столбови на новите промени.
– Во исто време се инвестира и во модернизација на аеродромската инфраструктура. Реконструкцијата на охридскиот аеродром е во завршна фаза, со нов терминал, нова административна зграда и проширување на капацитетите за прием на патници и авиокомпании. Резултатите веќе се видливи, при што охридскиот аеродром забележува рекорд со повеќе од 3.000 опслужени патници во еден ден – вели пратеникот Јамалов.
Според него, изградбата на брзата железничка пруга Скопје-Солун ќе претставува најголем инфраструктурен проект не само за Македонија, туку и за целиот регион на Југоисточна Европа.
– Со нејзиното завршување, патувањето до Солун значително ќе се скрати, што ќе овозможи побрз пристап до морето и ќе придонесе за зголемен број туристички посети во двата правци. Истовремено, Гевгелија ќе се развие во значаен туристички и економски центар, а со проширувањето на граничниот премин ќе се олесни движењето на патниците и туристите – вели Јамалов.
Тој истакнува дека паралелно се реализираат и повеќе проекти во Гевгелија кои директно придонесуваат за развојот на туризмот.
– Во тек е изградбата на западниот булевар, кој ќе го подобри сообраќајното поврзување, се реставрира заштитената стара чаршија со цел повторно да стане препознатлив симбол на градот, а се привршува и изградбата на браната Конско. Со нејзиното ставање во функција Македонија ќе добие ново вештачко езеро, кое отвора можности за развој на рекреативен, спортски и викенд туризам. Дополнително, се реконструира и патот до ски-центарот Кожуф, со што се создаваат услови оваа туристичка дестинација повторно да стане атрактивна за домашните и странските посетители.
Јамалов истакнува дека целта е да се зголеми поврзаноста на државата со регионот и Европа и да создадат нови можности за локалниот економски развој, а тоа ќе донесе нови можности за граѓаните и за стопанството.