ПОСТАВЕНИ СЕ ЦВРСТИ ТЕМЕЛИ ЗА ЕНЕРГЕТСКА НЕЗАВИСНОСТ НА МАКЕДОНИЈА Над 800 инвестициски иницијативи за нови проекти во обновливите извори

ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи со истото темпо на работа, затоа што силната енергетика е предуслов за силна економија, нови инвестиции, повисок животен стандард и за посигурна иднина за сите граѓани, соопшти партијата.

94

Политиките што ги спроведува ВМРО-ДПМНЕ носат видливи резултати и во енергетиката – за само две години поставени се цврсти темели за енергетска независност, зелена транзиција и модерен енергетски систем кој ќе обезбеди сигурност, нови инвестиции и одржлив развој, соопшти партијата.

„По години на застој, денес Македонија има нов Закон за енергетика, усогласен со европските директиви, како и Интегриран национален план за енергија и клима, со кој за првпат се поставува јасен правец за декарбонизација, развој на обновливите извори на енергија и за исполнување на европските стандарди“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.






Довербата во овие политики ја потврдува и големиот интерес на инвеститорите, се додава во соопштението.

„Над 800 инвестициски иницијативи за нови проекти во обновливите извори на енергија се доказ дека Македонија станува сигурна и атрактивна дестинација за домашни и странски инвестиции. Тоа значи повеќе домашно производство на електрична енергија и поголема енергетска независност“, се вели во соопштението.

Во исто време, се додава, Владата реализира капитални проекти кои го модернизираат енергетскиот сектор.

„Државниот батериски систем за складирање енергија, дигитализацијата на постапките за изградба на ветерни електрани, финансиската поддршка за производителите на обновлива енергија и новите законски решенија создаваат современ и конкурентен енергетски пазар. Посебно внимание се посветува и на енергетската ефикасност. Со реконструкција на јавните објекти, формирање Фонд за енергетска ефикасност, обезбедување нови финансиски средства од меѓународните партнери и воведување обврска за поставување соларни панели на јавните објекти, се создаваат услови за помала потрошувачка на енергија, пониски трошоци и почиста животна средина“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

Финансиската поддршка што Македонија ја добива од Европската комисија, Европската банка за обнова и развој, Светската банка и другите меѓународни партнери е дополнителна потврда дека реформите што ги спроведува Владата се препознаени како кредибилни и усогласени со европските политики, додава партијата.

„ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи со истото темпо на работа, затоа што силната енергетика е предуслов за силна економија, нови инвестиции, повисок животен стандард и за посигурна иднина за сите граѓани. Резултатите се видливи, а со реформите што се реализираат денес се поставуваат темелите на енергетски независна, економски посилна и европски ориентирана Македонија“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

 

Поврзани содржини