📽️ МОНТ ЕВЕРЕСТ КАКО ЕВЗОНИ ВО АВГУСТ Илјадници долари не се гаранција дека ќе стасате до врвот – можеби ќе чекате во редица на 8.000 метри

Непал само од дозволите за искачување државата заработува милиони долари годишно. Дополнителни приходи носат експедициите, хотелите, носачите, хеликоптерските услуги и туристичката индустрија.

171

Глетката изгледа неверојатно – стотици алпинисти во шарени одела чекаат во колона како автомобили во сообраќаен метеж. Верувале или не, оваа редица се наоѓа на повеќе од 8.000 метри надморска височина, каде што човечкото тело почнува забрзано да се исцрпува поради недостигот од кислород.






Новите снимки од пролетната сезона 2026 повторно ја отворија дебатата дали Монт Еверест на Хималите, највисокиот врв на светот, е премногу комерцијализиран и какво задоволство и смисла има човек да се најде во една ваква редица во зоната на смртта.

Во критичните денови илјада луѓе во зоната на смртта

Непал годинава издаде рекордни 492 дозволи за странски алпинисти, најмногу досега. Бројката е уште повпечатлива ако се знае дека секој клиент го придружуваат шерпаси, водичи и друг персонал, па во најкритичните денови на планината истовремено престојуваат повеќе од илјада луѓе.

Најголемиот проблем не е самиот број на луѓе, туку тоа што сите се обидуваат да го освојат врвот во истиот краток временски тесне . На Еверест има само неколку денови годишно кога ветерот е доволно слаб за безбедно искачување. Кога ќе се отвори таков прозорец, десетици експедиции тргнуваат истовремено, создавајќи тесни грла на најопасните делови од маршрутата.

На надморска височина поголема од 8.000 метри почнува таканаречената „зона на смртта“. Таму организмот веќе не може нормално да се обновува, а секоја минута помината во чекање ја зголемува опасноста од исцрпеност, смрзнатини, висинска болест и недостаток на кислород. Поради тоа, дури и неколкучасовно задржување во редица може да биде прашање на живот и смрт.

Ова за Непал сепак е добар бизнис

Проблемот не е нов. Светот првпат масовно го забележа во 2019 година, кога фотографијата на Нирмал Пурџа со долга колона алпинисти стана симбол на пренатрупаниот Еверест. По серијата трагични несреќи многумина очекуваа построги ограничувања, но бројот на дозволите продолжи да расте.

За Непал тоа не е само спортско, туку и економско прашање. Само од дозволите за искачување државата заработува милиони долари годишно, а дополнителни приходи носат експедициите, хотелите, носачите, хеликоптерските услуги и туристичката индустрија. Поради тоа властите тешко се одлучуваат за значително намалување на бројот на дозволи.

Сепак, под притисок на алпинистите и стручната јавност, Непал почна да воведува нови мерки. Најзначајната е предлог-законот според кој секој што сака да се искачи на Еверест претходно ќе мора успешно да има освоено најмалку еден врв повисок од 7.000 метри во Непал. Целта е да се намали бројот на неискусни клиенти кои дополнително го забавуваат движењето и го зголемуваат ризикот за сите.

Новите правила предвидуваат и задолжителни здравствени уверенија, построги осигурителни обврски и поголема одговорност на организаторите на експедициите. Во јавноста сè почесто се бара и научно утврден лимит за тоа колку луѓе планината може безбедно да прими во една сезона.

Паралелно со тоа, Непал се обидува да го пренасочи интересот кон други хималајски врвови. Властите отворија десетици досега слабо посетени планини за да го распределат туристичкиот притисок и да донесат приходи и во други делови на земјата.

Но, снимките од долгите колони на Еверест секоја година предупредуваат дека највисокиот врв на светот полека се претвора во луксузна туристичка атракција, каде што најголемата пречка до целта повеќе не е планината, туку редицата од луѓе пред вас.

Поврзани содржини