Илинденски асоцијации

Впрочем, цели три децении живееме во таква хистерична нервоза, во „ние ова“ а „вие она“, па згора и секакви ќе ни тријат на главата дека, ете, ни станало сеедно! А како требаше да ни биде со онакви нивни протуви? И со овој сегашниов нивен политикантски палјачо кој „ѕвони“ на сите страни за конечно растурање токму на најсветлите датуми во македонската историја? 

44

Прашање е кога некои од оние големи државни празници, оние од форматот на „Илинден“, „11 Октомври“ и „8 Септември“, ќе ги славиме релаксирано, во нормална атмосфера и без редица веќе спонтани асоцијации што неминовно ги следат овие празници. За жал почесто негативни, поретко позитивни. Причината за тоа, верувам, е во (веќе) клаустрофобично тензичните вербални „дуели“, при што едната страна (ако и понатаму може да се нарекува така заради нејзината минорност) ќе обвинува други за нештата што самата не ги сработила, другата страна ќе се брани и повремено ќе напаѓа редејќи им ги ноторните глупости на оние првите итн. Сѐ во духот на еден од современите „победнички“ договори!

И постојано слушаме потсетувања за самопрегорот на оние претходни генерации, илинденци или партизани но не и современици (иако мислам дека ги има, малку но сепак!), и некако „завиткано“ провејува дека сме ги изневериле претците, нивните – но божем и наши! – идеали и заложби за цивилизирана, демократска, хумана, морална држава. Тие оставија аманети коишто денес, во оваа атмосефера, наликуваат само на листа на убави желби и неисполнет копнеж. Зашто, од нив не само што малку беше оживотворено, туку и тоа малку полека се разнебитуваше.






Оттука, охрабруваат некои пораки за нови напори, дури битки да се врати тој дух, да се врати надежда во иднината на државата односно „да ја зачува државата силна, да ја направи просперитетна, да ја направи праведна и повторно да ја направи земја во која луѓето ќе веруваат дека вреди да се остане“. Нималку лесна задача, како што е еднакво тежок и новиот завет дека тоа е Илинденот на оваа генерација! Воопшто не е лесна особено на надворешнополитички план и разврската на онаа „последна битка за Македонија“! Ако е навистина – последна.

Не мислам дека тоа е неостварливо, не мислам како некои дека ние сме глупави или луди туку само можеби веќе, после сите порази, рационално „тврдоглави“ во подметнатиот губитнички гамбит. Оние свикнати на самопонижување и газење наметнаа неколку такви страотно губитнички „дилови“ на штета на државата со што ја доведоа пред ѕидот на конечното предавство и капитулација, барајќи од јавноста да скокне кога тие ќе речат „оп“. Ако Илинденскиве ветувања додржат, тој самоубиствен скок нема никогаш да го направиме.

И наше свето право е, токму во името на Илинден, да ја држиме оваа власт за зборовите изречени од Претседателката на државата и Премиерот. Зашто, од претходните криминалци се изнаслушавме приказни и колнења во претци, семејства, дури деца…, едната рака на срцето а другата во државниот буџет итн. Не верувам дека граѓаните можат мирно да поднесат уште еден голем пораз, уште една минхаузеновска лага, уште едно тешко разочарување. Сѐ друго е полесно, па и издржливо. Ако издржувале илинденците, ако издржувале партизаните, ако толку генерации од полуфеудална провинција со одвај 450 високообразовани успеале да создадат прогресивно социјалистичко општество (со сите попатни маани), зарем денешниот граѓанин е помалку способен, а згора и слеп и недоветен да се поведува зад коекакви бараби?

Впрочем, да не заборавиме, некои славеа и други датуми. Се сеќаваме на оние ужасни прослави на годишнините на „Преспанскиот договор“ на коишто одеа оние идиоти дури и во Атина, ракоплескајќи му на чинот на своето предавство – менувањето на името на државата! А се колнеа во него, како и во „Илинден“,„11 Октомври“, „8 Септември“…, и во Македонија! Тие и сега се обидуваат да нѐ научат да живееме со нивните порази, дури и да ги славиме. Потоа го славеа оној ступиден договор со источниот сосед, сосе двата малоумни протоколи. И нѐ правеа глупави дека ние погрешно ги читаме! Сега промената на Уставот ја гледаат како фешта – тоа да ти било „апсурдна теза“ и „ирационален страв“ – како некаква нивна ретро-забава за конечно згаснување токму на илинденските и партизанските идеали.

Па нѐ прават и луди, демек „народот не сака да прифати да го направи тоа што мора да го направи за да стигне таму кај што посакува“. А посакувал „подобри услови за живот, подобра плата, подобро здравство, подобро образование, поефикасни институции (…)“, небаре тоа се нешта недофатливи дури и за просечно интелигентни политичари. Но проблемот е што тие се потпросечно интелигентни и натпросечно неспособни суртуци кои од готово прават вересија, стокменото го растураат, среденото го уништуваат. Нормалниот граѓанин веќе избра дека на такви некадарни тупаци не смее да им се верува зашто нивната задача денес е да шират дефетизам, хистерија и нервоза.

Впрочем, цели три децении живееме во таква хистерична нервоза, во „ние ова“ а „вие она“, па згора и секакви ќе ни тријат на главата дека, ете, ни станало сеедно! А како требаше да ни биде со онакви нивни протуви? И со овој сегашниов нивен политикантски палјачо кој „ѕвони“ на сите страни за конечно растурање токму на најсветлите датуми во македонската историја?

Но, нема да ни биде сеедно, а тоа мора да го разбере и оваа власт, ако црното повторно стане бело, ако илинденските заклетви се погазат заради калкулантство, ако (повторно) се покаже дека валутите се посилни од идеалите!

А особено ако продолжи онаа досегашна фарсична толерантност на сите минати злосторства, ако и оваа власт се прави глува и слепа за, на пример, членот 308 од Кривичниот законик којшто конкретно прозива дека „граѓанин кој ќе ја доведе Република Македонија во положба на потчинетост или зависност спрема некоја друга држава, ќе се казни со затвор најмалку пет години“. И зарем треба некој да му ја толкува оваа одредба на „надежниот“ јавен обвинител во светлината на  делото викано нелегална промена на уставното име на државата? Па и на фамозниот договор со источниот сосед?! Тоа, впрочем, може да биде и некој обичен граѓанин зашто сите македонски „експерти“ се однесуваа(т) според онаа Његошева „сви јунаци ником поникоше и у црну земљу погледаше“! (Колку да се задоволи омразениот им „српски свет“, иако во случајов – црногорски!).

Или локалниве меѓународни „експерти“, но и власта, а сосема во духот на оној т.н. Преспански договор, сметаат дека граѓанинот е должен вечно – или за „неопределен период“ – да се повинува со сведната глава на секакви „политики“?

И, колку за потсетување, ако и имало до неодамна такви подлизурковци кои го потпишале и славеле тој „Преспански договор“ сосе член 20 точка 9 („Одредбите од оваа спогодба остануваат во сила за неопределен период и се неотповикливи. Не се дозволени никакви измени на одредбите од член 1, став (3) и став (4) од оваа спогодба“), тогаш барем да им подигнеме споменик, некаде во централното градско подрачје, да не мора нивните вљубеници да одат дури до Нивици или Атина?

А впрочем, како толку бргу се „заборавија“ овие нешта?

Извор: Теодосиевски уметност

Поврзани содржини