УЕФА МУ ОБЈАВИ ВОЈНА НА ИНФАНТИНО Се заканува со тужби и бара да не се уништуваат докази

УЕФА испрати официјално предупредување до ФИФА, бара зачувување на сите документи и најавува можни правни постапки поради спорниот план за комерцијалните права на Светското првенство.

85

Европската фудбалска унија (УЕФА) денеска ѝ се закани на Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА) со правни мерки поради контроверзниот план на претседателот Џани Инфантино да продаде удел од комерцијалните права на Светското првенство на приватни инвеститори. Воедно, УЕФА го предупреди раководството на светскиот фудбал да не уништува потенцијални докази.

Како што јавуваат светските агенции, адвокатите на УЕФА ја известиле ФИФА дека европската организација „активно разгледува правни постапки, арбитража и/или регулаторни побарувања што произлегуваат од и се поврзани со планот FIFA Forward Enterprise (FFE), предложен од ФИФА, како и со сите поврзани прашања“.






Писмото било испратено во петокот од адвокатската канцеларија „Дехерт“ со седиште во Њујорк.

Во него се наведени 18 директори на ФИФА, за кои се бара да ги зачуваат сите податоци, документи и електронски пораки што би можеле да претставуваат потенцијални докази.

„УЕФА формално ве известува дека секое уништување, бришење, изменување, прикривање или губење на релевантни материјали по приемот на ова известување, или по кој било претходен датум кога сте биле или разумно требало да бидете свесни дека се разгледуваат постапки, може да претставува уништување на докази“, се наведува во писмото.

Во саботата УЕФА соопшти дека сака да стави крај на децениското претседателствување на Инфантино, оценувајќи дека тој ја изгубил довербата на светскиот фудбал и дека „ниту една опција не треба да се исклучи“.

Само неколку часа претходно, Инфантино го повлече предлогот според кој на земјите-членки на ФИФА им беше понудена еднократна исплата од по 20 милиони долари, со рок до средината на септември да се изјаснат дали ќе го прифатат.

Планот пропадна откако сите 55 членки на УЕФА се согласија да ги бојкотираат Светското првенство и другите натпреварувања под капата на ФИФА. Против предлогот на Инфантино се изјаснија и КОНКАКАФ и Азиската фудбалска конфедерација.

Поврзани содржини