ВОДАТА ВО ГОСТИВАР СЀ УШТЕ НЕ Е ЗА ПИЕЊЕ, А КАКВА Е ЕПИДЕМИОЛОШКАТА СЛИКА? Министерството за здравтво во клин, Стојанче Ангелов во керамида

ЦУК предупредува дека водата во Гостивар сѐ уште не е безбедна за пиење, додека Министерството за здравство соопштува дека бројот на нови заболени опаѓа.

295

Водата од градскиот водовод во Гостивар сѐ уште не е безбедна за пиење, тврди директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов, наспроти Министерството за здравство, кое оценува дека здравствената состојба во градот постепено се стабилизира. Разликата во мислењата на двете институции раѓа дилема дали бактериолошкиот проблем е целосно надминат и кога граѓаните ќе можат безбедно да ја користат водата за пиење.

Според Ангелов, последните лабораториски анализи покажале присуство на бактерија во водата за пиење, поради што останува во сила препораката граѓаните да не ја користат за консумација. Тој нагласува дека водата може да се употребува за технички потреби и за одржување на хигиена, но не и за пиење и подготовка на храна, сѐ додека надлежните институции не потврдат дека ги исполнува сите здравствени стандарди.

Во меѓувреме, Министерството за здравство соопшти дека епидемиолошката состојба во Гостивар покажува знаци на смирување. И ресорот здравство и Ангелов се согласуваат со бројките – во последното деноноќие биле пријавени 84 нови пациенти со гастроинтестинални симптоми, што е значително помалку во споредба со деновите кога дневниот број на прегледи достигнуваше неколку стотици. Според Министерството, здравствените установи и понатаму работат со засилен капацитет, но бројот на нови случаи е во опаѓање.






Со новите 84 случаи, вкупниот број на лица кои побарале лекарска помош од почетокот на кризата достигна 4.684. Најголемиот дел од пациентите имале полесна клиничка слика – дијареја, повраќање и дехидратација – и по укажаната терапија биле пуштени на домашно лекување. Хоспитализациите остануваат релативно мал број во однос на вкупниот број заболени.

Иако здравствената слика се подобрува, ЦУК предупредува дека тоа не значи автоматски дека е отстранет и изворот на ризик. Оттаму потенцираат дека укинувањето на забраната за користење на водата за пиење може да следува дури откако повеќекратни контролни анализи ќе потврдат дека бактериолошките параметри се целосно во дозволените граници.

Кризата во Гостивар започна во средината на јули, кога илјадници жители пријавија симптоми на акутен гастроентероколитис. Подоцнежната истрага на обвинителството утврди дека во водоводниот систем навлегла загадена вода, а лабораториските анализи покажаа концентрација на колиформни бактерии повеќекратно над дозволените вредности. Во врска со случајот се води кривична истрага против повеќе лица.

Засега, единственото заедничко во пораките на Министерството за здравство и на ЦУК е дека претпазливоста останува неопходна. Министерството известува за постепено намалување на бројот на заболени, додека ЦУК предупредува дека бактериолошката безбедност на водата сѐ уште не е потврдена. До ново официјално известување, жителите на Гостивар остануваат со препораката да користат алтернативни извори на вода за пиење.

Поврзани содржини