БУРНИ РЕАКЦИИ ПО ПРОИЗРАЕЛСКАТА ПЕСНА НА БОЈ ЏОРЏ Мораше да се повлече од мјузиклот „Исус Христос Суперѕвезда“
Британската поп-ѕвезда Бој Џорџ се повлече од настапите во лондонскиот Вест Енд по силните реакции што ги предизвика неговата нова песна, која ја брани израелската воена операција во Газа и ја оспорува употребата на терминот „геноцид“ за конфликтот.
Се сеќавате на британскиот пејач Бој Џорџ, легендарниот фронтмен на групата Калчр клаб (Culture Club)? Тој сега има 65 години и е принуден да се повлече од претстојната продукција на мјузиклот „Исус Христос Суперѕвезда“ (Jesus Christ Superstar) во лондонскиот Вест Енд, само неколку дена пред премиерата.
Одлуката доаѓа по жестоките критики што ги предизвика неговата нова песна „We Will Dance Again“, во која јавно изразува поддршка за Израел. Песната, објавена на крајот на јули, содржи стихови со кои Бој Џорџ ја брани израелската воена операција во Газа и ја оспорува употребата на терминот „геноцид“ за конфликтот. Во неа се спомнува и нападот на музичкиот фестивал „Нова“ на 7 октомври 2023 година, а пејачот упатува критики и кон дел од музичарите кои јавно застанаа на страната на Палестинците.
Контроверзиите доведоа до најави за протести пред театарот каде што требаше да се игра претставата. Менаџерот на Бој Џорџ, Пол Кемсли, соопшти дека одлуката за повлекување е донесена за да не биде засенета продукцијата и за да се зачува добрата атмосфера меѓу сите учесници во проектот. Улогата на кралот Ирод, која требаше да ја игра Бој Џорџ, ќе ја преземат други актери од актерската екипа.
Пејачот, пак, порача дека неговата намера не била да поттикнува поделби, туку да им оддаде почит на жртвите од нападот на фестивалот „Нова“. Тој истакна дека жали за сите невини жртви, без разлика на која страна се наоѓаат, но додаде дека нема намера да се откаже од правото јавно да ги изразува своите ставови.
Ова не е првпат Бој Џорџ јавно да застане во одбрана на Израел. Тој и претходно ја поддржа израелската учесничка на Евровизија и потпиша отворено писмо против исклучување на Израел од натпреварот. Со новата песна, сепак, предизвика уште поголеми реакции, а расправата за границите меѓу уметничката слобода и политичкиот активизам повторно се најде во центарот на вниманието.