🎥 НЕ СЕ СЕКИРАЈТЕ, ВЕШТАЧКАТА ИНТЕЛИГЕНЦИЈА САМО ЌЕ ВЕ НАТЕРА ДА РАБОТИТЕ ПОВЕЌЕ Сем Алтман, лидерот на ЧатЏПТ, нè теши – АИ ќе ни ја земе само „амалската“ работа
Првиот човек на компанијата чиј главен продукт е ЧатЏПТ вели дека вештачката интелигенција сепак нема да доведе до скратување на работната недела.
Иако вештачката интелигенција ќе преземе голем дел од рутинските, повторливи и „амалски“ задачи, луѓето нема да почнат да работат помалку. Напротив, ќе останат подеднакво зафатени, затоа што човечката природа постојано создава нови цели, нови амбиции и нови обврски. Тоа е умерено оптимистичката визија на извршниот директор на ОпенАИ, Сем Алтман, за иднината на трудот во ерата на АИ.
Алтман своите ставови ги изнесе во интервју за подкастот „Relentless“, каде што се осврна на долгогодишното ветување на технолошката индустрија дека новите технологии ќе им овозможат на луѓето пократка работна недела и повеќе слободно време. Според него, историјата покажува дека тоа досега не се случило, а нема причина да се очекува дека токму вештачката интелигенција ќе го промени тој образец.
Ќе пораснат и продуктивноста и очекувањата
„Технологијата со децении ветува дека луѓето ќе работат помалку и ќе имаат повеќе слободно време. Но, некако никогаш не стигнавме до четиричасовна работна недела во големи размери. Не очекувам ни АИ да го промени тоа“, вели Алтман.
Според него, причината не лежи во ограничувањата на технологијата, туку во самите луѓе. Како што продуктивноста расте, така растат и очекувањата, желбата за напредување и натпреварувањето. Наместо да ја користиме новата технологија за повеќе одмор, најчесто ја користиме за да направиме уште повеќе работа.
Алтман смета дека АИ пред сè ќе ги преземе таканаречените „brunt work“ задачи – рутинските, механички и повторливи работи што не бараат креативност или сложено расудување. Со други зборови, интелигентните системи ќе ја преземат „амалската работа“, а луѓето ќе се насочат кон активности со поголема додадена вредност.
Но, тоа не значи дека работните денови ќе станат пократки. Напротив, Алтман предвидува дека луѓето ќе бидат „многу позафатени отколку што мислевме дека ќе бидеме во свет по суперинтелигенцијата“. Според него, ќе продолжиме да се жалиме дека работиме премногу, но во суштина ќе бидеме задоволни затоа што луѓето природно сакаат да создаваат, да се натпреваруваат и да постигнуваат резултати.
Овој став претставува извесно поместување во реториката на дел од технолошките лидери. Во првите години од експанзијата на генеративната вештачка интелигенција често се тврдеше дека машините ќе ги преземат досадните работи, а луѓето ќе добијат повеќе време за семејството, хобијата и креативноста. Денес, сè почесто се слуша тезата дека АИ нема да го намали обемот на работата, туку ќе им овозможи на луѓето да бидат уште попродуктивни.
Нема да има „апокалипса на работните места“
Интересно е што Алтман во последните месеци зазеде поумерени позиции и во однос на влијанието на АИ врз вработеноста. Во мај годинава тој изјави дека засега не гледа „апокалипса на работните места“, признавајќи дека претходно ја преценил брзината со која вештачката интелигенција ќе го наруши пазарот на трудот.
Сепак, директорот на ОпенАИ не тврди дека нема да има промени. Напротив, признава дека многу професии ќе се трансформираат, дека одредени задачи ќе бидат целосно автоматизирани и дека работниците ќе мора да стекнуваат нови знаења и вештини. Според него, иднината не е во исчезнување на работата, туку во нејзино темелно преобликување.