ИМАМЕ ТРЕТА НАЈНИСКА ИНФЛАЦИЈА ВО ГРУПА ОД 12 ЗЕМЈИ ОД ПОШИРОКИОТ РЕГИОН Мицкоски очекува пониски цени на горивата од понеделник
Премиерот информираа дека намалувањето на акцизите и на ДДВ го чинеше буџетот десетици милиони евра, но оти целта беше одржување на ценовната стабилност и обезбедување континуирано снабдување.
Премиерот Христијан Мицкоски очекува в понеделник да има надолна корекција на цените на дизелот и на бензините, а очекува и дополнително стабилизирање на инфлацијата. Тој порача дека Владата останува на политиката за поддршка на стандардот на граѓаните и зачувување на ценовната стабилност.
– Прерано е да зборува, денеска имаме мал скок, вчера цените за „Брентот“ се движеа 83-84 долари за барел, денеска повторно имаме нагорно придвижување, од 87, 88, но далеку под 100. Очекувам веќе в понеделник да имаме надолно нивелирање на цените на бензините и на дизелот. Важно е што како држава остануваме со најевтина цена на дизелот и на безоловниот бензин имајќи предвид дека ова се производи што се купуваат на берза, односно сите држави ги купуваат од исто место. Нема тука голема мудрост во делот кој е поголем или помал претприемач или поголем или помал државник, само што ние како Влада одлучуваме да се откажеме од голем дел од она што некои други држави не го направија, а тоа е акцизи, а се откажавме и од данокот на додадена вредност. Остануваме со таа политика и во периодот што следува очекувам повторно надолно нивелирање на цените – изјави Мицкоски.
Тој информираа дека намалувањето на акцизите и на ДДВ го чинеше буџетот десетици милиони евра, но оти целта беше одржување на ценовната стабилност и обезбедување континуирано снабдување.
– Некои држави забранија извоз, ние не забранивме извоз, напротив, останавме со политика граѓаните од другите земји да ги користат нашите бензински пумпи. Нашата политика беше сосема поинаква. Ние не очекувавме, тоа е што е, предизвикот е таков, треба да се бараат решенија, едно по едно се наоѓаат тие решенија и ќе продолжиме активно да ја следиме состојбата – рече Мицкоски.
Прашан дали има можност да се интервенира кај цените на основните производи, посочи дека очекува дополнително стабилизирање на инфлацијата. Оцени дека има голем број држави со полоши параметри и порача дека Владата ќе продлжи активно да работи во насока на зачувување на ценовната стабилност.
– Лично правев анализа и ги споредував јуни 2026 со јуни 2022, тоа се две слични години затоа што тогаш (2022) почна војната во Украина, а сега е војната во Иран, во Заливот. Сите светски познавачи велат дека оваа војна има далеку подевастирачки последици за светската економија, особено повеќе како енергетска криза. Ако тогаш сме имале 14,7 % инфлација, сега е 3,4%. Ако тогаш прехранбените производи биле над 15% и биле главниот носител, сега тие се со 2,5%. Јас очекувам дополнително стабилизирање во јули – рече Мицкоски.
Анализата на 12 држави од регионот, пак, како што дополни, покажала дека во 2022 сме биле на осмото место според висината на инфлација, а сега сме на трето.
– Пред нас се благо Србија и Албанија, но зад нас се сите други држави од регионот, од Турција, преку Бугарија, Романија, Грција, Косово, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Хрватска, Словенија и така натаму. Генерално, имаме голем број држави со далеку полоши параметри. Ние ќе продолжиме и понатаму активно да работиме во насока на зачувување на ценовната стабилност – рече Мицкоски.