ДЕСЕТ ЖЕНИ ИЗНЕСОА СЕРИОЗНИ ОБВИНУВАЊА ПРОТИВ ЏАРЕД ЛЕТО Нов документарец отвори прашања за однесувањето на актерот кон малолетнички
Би-Би-Си вели дека евидентирале повеќе од 120 различни јавни обвинувања поврзани со односот на актерот и музичар кон жени.
Оскаровецот и музичар Џаред Лето повторно се најде во центарот на сериозни обвинувања откако Би-Би-Си објави документарен филм во кој десет жени изнесуваат тврдења за негово наводно несоодветно, а во некои случаи и потенцијално кривично сексуално однесување.
Четири од жените тврдат дека биле малолетни во времето на настаните што ги опишуваат, а кои, според нивните искази, би можеле да претставуваат кривични дела. Нивните сведоштва се однесуваат на периодот меѓу 2002 и 2016 година, кога Лето бил во триесеттите и четириесеттите години од животот.
Од сексуален напад до закани
Една од жените тврди дека актерот сексуално ја нападнал во хотелска бања кога таа имала 17 години.
Друга наведува дека, кога имала 19 години, во хотелска соба во Лондон ѝ упатил закани со сексуално насилство откако останале насамо.
Трета жена тврди дека имала сексуален однос со Лето во Калифорнија кога имала 17 години. Бидејќи законската возраст за согласност во таа американска сојузна држава е 18 години, таквиот однос би можел да биде класифициран како законско силување според американското законодавство.
Според нејзиното сведоштво, Лето покажал целосна незаинтересираност кога станало збор за законските ограничувања поврзани со возраста.
Четвртата жена раскажува дека, како што тврди, Лето почнал да ја контактира кога имала 16 години. Таа наведува дека телефонските разговори брзо станале сексуално експлицитни и дека тој ѝ предлагал сексуален однос.
Подоцна, вели таа, ѝ бил понуден договор за доверливост со кој би се обврзала јавно да не зборува за нивниот однос, но одбила да го потпише.
Покрај овие четири жени, уште пет испитанички тврдат дека во тинејџерските години добивале необични и сексуално експлицитни телефонски повици за кои веруваат дека доаѓале од Лето или од лица поврзани со него.
Мајка реагирала по коментар упатен кон 14-годишната ќерка
Особено вознемирувачко сведоштво изнела жена која тврди дека како 14-годишно девојче, по концерт на групата Thirty Seconds to Mars, била повикана зад сцената.
Според нејзините зборови, додека потпишувал автограми, Лето коментирал за нејзините гради, а кога нејзината мајка реагирала и го соочила со таквото однесување, тој наводно повторно го повторил истиот коментар.
Би-Би-Си наведува дека дел од исказите успеал да ги потврди преку разговори со членови на семејствата и пријатели на жените, на кои тие им се довериле уште во времето кога настаните наводно се случиле.
Во одредени случаи биле разгледани и фотографии и пораки кои, според авторите на документарецот, ги поткрепуваат нивните тврдења.
За документарниот филм зборувале и двајца поранешни членови на техничката екипа на бендот. Тие тврдат дека меѓу вработените постоела непријатност поради начинот на кој Лето комуницирал со многу млади обожавателки, вклучувајќи покани во гардероби по концертите или во куќа каде што бендот работел на снимање музика.
Еден од нив изјавил дека разликата во годините меѓу Лето и девојките била очигледна и дека кај многумина од екипата предизвикувала загриженост.
Документарецот потсетува дека ваквите обвинувања не се нови. Во изминатите дваесетина години на интернет се појавувале бројни анонимни и јавни обвинувања од жени кои тврделе дека биле жртви на несоодветно однесување.
Според Би-Би-Си, евидентирани се повеќе од 120 различни јавни наводи поврзани со односот на Џаред Лето кон жени.