ОСТАНА СО НИВ НА ЕЛБРУС ДО ПОСЛЕДНИОТ ЗДИВ Пронајдена и Мацика, мачката што не ги напушти Алма и Денис

Мачката која со години ги следеше Алма и Денис Окановиќ на сите планинарски експедиции била пронајдена заедно со нив по трагедијата на Елбрус, а потоа и достоинствено погребана.

157

Мацика, мачката која со години беше неразделен придружник на Алма и Денис Окановиќ, е пронајдена заедно со нив на планината Елбрус. За жал, и таа го загуби животот во трагедијата во која загинаа петмина планинари од Босна и Херцеговина.

Веста особено ги погоди сите што ги познаваа Алма и Денис, бидејќи Мацика за нив не беше само домашен миленик, туку вистински член на семејството.






Приказната за Мацика започнала пред многу години, кога Алма и Денис вдомиле мало маче, кое набргу станало нивен неразделен сопатник. Наместо живот меѓу четири ѕида, тие ѝ овозможиле да ги запознае планините, шумите и врвовите, а Мацика од авантура во авантура покажувала дека е вистински планинар. Таа освоила и врвови повисоки од 3.000 метри надморска височина.

Заедно ги посетиле речиси сите позначајни планински врвови во Босна и Херцеговина и регионот, а нивните патувања ги однеле и низ многу европски земји. На фотографиите што ги објавувале на социјалните мрежи, Мацика често била во прв план – на рамениците на своите сопственици, во планинарски ранец или гордо позирајќи на освоените врвови.

Нивната Фејсбук-заедница „Трио Фантастико“ токму поради ова необично пријателство собираше илјадници следбеници, кои со воодушевување ја следеа секоја нова авантура на тројцата.

Последните фотографии, објавени непосредно пред трагедијата, ја прикажувале Мацика за време на аклиматизацијата на Елбрус, каде што, како и многупати претходно, била покрај своите луѓе.

Спасувачките екипи ја пронашле Мацика заедно со Алма и Денис Окановиќ, во нивниот ранец. До последниот момент останала покрај луѓето кои ја вдомиле и ѝ подариле живот исполнет со љубов, природа и авантури какви што ретко кое животно има можност да доживее.

Нејзината приказна денес останува симбол на нераскинливата врска меѓу човекот и животното, но и тажен потсетник на трагедијата што на Елбрус ги згасна животите на луѓе кои планините ги сакаа повеќе од сè.

Поврзани содржини