ПРОДОЛЖЕНА КРИЗНАТА СОСТОЈБА ЗА ГОРИВАТА ДО 20 ОКТОМВРИ Владата ќе реагира веднаш ако има проблеми со снабдувањето
Владата го продолжи рокот на кризната состојба поради можни нарушувања во снабдувањето со нафта и нафтени деривати, со цел навремено да реагира доколку дојде до нестабилност на пазарот.
Владата на денешната седница донесе одлука со која кризна состојба поради можност од нарушување на снабдувањето со нафта и нафтени деривати се продолжува за уште три месеци, односно до 20 октомври.
Од Владата соопштија дека со ова се обезбедува континуитет во институционалното постапување и можност за навремено преземање мерки доколку дојде до нарушувања во снабдувањето или до значителни ценовни шокови на меѓународните пазари на нафта и нафтени деривати.
„Со донесената одлука, рокот на важење на кризната состојба се продолжува од 21 јули до 21 октомври, со што се обезбедува континуитет во институционалното постапување и навремено преземање на мерки доколку дојде до нарушувања во снабдувањето или до значителни ценовни шокови на меѓународните пазари на нафта и нафтени деривати“, соопшти Владата.
Според Владата, целта е државата да располага со соодветен правен механизам за брза и ефикасна реакција, со што ќе се зачува стабилноста во снабдувањето, ќе се ублажат последиците од евентуални пазарни нарушувања и ќе се заштитат интересите и животниот стандард на граѓаните и стопанството.
„Владата и понатаму внимателно ќе ги следи состојбите на домашниот и меѓународниот енергетски пазар и, доколку тоа го наложат околностите, ќе продолжи да носи навремени и соодветни мерки во интерес на сигурно, стабилно и непречено снабдување со нафта и нафтени деривати“, наведуваат од Владата.
По завршувањето на владините процедури, одлуката ќе биде доставена до Собранието на разгледување и усвојување, согласно законските надлежности.