ДАЛИ СЕ ГЕРАСИМОВСКИ И СДСМ ВМЕШАНИ ВО МИЛИОНСКА АФЕРА? „Преку ПОЦ отпишувале долгови на фирми и на лица“
ВМРО-ДПМНЕ го повикува СДСМ итно да ги објави имињата на компаниите и луѓето од кои се отпишани три-милионските долгови. Партијата прашува и дали се тоа членови на СДСM и дали парите наместо кај центарци, завршиле на сметките на компании блиски до Зоран Заев и Венко Филипче.
Паркинзи на Општина Центар, под раководство на кадри од СДСM, во 2024 отпишале вкупно 2 милиони и 221.000 денари, долгови од физички лица, како и 912.000 денари долгови од компании. Па наместо овие, вкупно преку 3 милиони денари, односно над 50.000 евра, пари на Центарци, да завршат во општинската каса, тие којзнае во чии џебови биле натуткани вели Лазар Банов, потпретседател на ОК Центар на прес-конференција.
„Во ревизорскиот извештај за 2024, стои и информацијата дека за овие пари, требало да се наплати и данок на личен доход кон буџетот на државата од вкупно 247 илјади денари, пари на граѓаните.
Луѓето во СДСM, познати во јавноста по чантички и куферчиња со кеш, се под сомнение дека со години до коска ја соголуваат општина Центар и центарци или како што државниот завод за ревизија го нарекува, ‘ефект на нереално и необјективно презентирање на финансиските извештаи’.
Сето ова, со одлука на управниот одбор на ПОЦ, кој има име и презиме, односно: Александар Писинов, Дарко Конески, Никола Савовски, Оливер Тоновски, Маја Зрмановска и секако, најповиканите, директорот на паркинзи, Душко Коцевски и градоначалникот Горан Герасимовски. Ете овие луѓе, почитувани сограѓани, центарци, се расфрлаат со нашите пари, како да се нивни лични.
Ги повикуваме итно да ги објават имињата на компаниите и луѓето од кои ги отпишале три-милионските долгови! Дали се тоа членови на СДСM? Дали парите наместо кај центарци, завршиле на сметките на компании блиски до Зоран Заев и Венко Филипче?!
Оваа огромна сума на пари ќе го решеше недостатокот на место во градинките во Центар, ќе се изградеа нови училишта, обновеа улици и тротоари, паркови, спортски сали, современи игралишта и еден куп други инфраструктурни проекти.
Наместо тоа, СДСM ја влече Општина Центар заедно со себе во сигурна пропаст. ПОЦ наместо да ги наплаќа парите кои им ги должат, а Центар со години тапка во место!“, изјави Банов на прес-конференцијата.