📽️ МЕТЕОЦУНАМИ ГИ ШОКИРАШЕ ТУРИСТИТЕ НА ЈАДРАНОТ Морето прво се излеа, па мистериозно се повлече оставајќи чамци на дното

По силното невреме со град и грмотевици, на повеќе места долж хрватското крајбрежје беше регистриран редок феномен – метеоцунами, кој предизвика нагли промени на нивото на морето.

1,766

Силно невреме проследено со грмотевици и град го зафати северниот и централниот дел на Јадранското Море, при што во неколку крајбрежни места беше регистриран редок феномен – метеоцунами. Ненадејните промени на нивото на морето ги изненадија туристите и локалното население, а во некои пристаништа чамците останаа на морското дно откако водата нагло се повлече.

Бурниот систем се формирал над северна Италија, каде што локално паднал град со дијаметар до осум сантиметри. Потоа невремето се префрлило кон Јадранот, зафаќајќи го и архипелагот кај Задар.






Во Задар пожарникарите интервенирале на десетина локации поради паднати дрвја и штети предизвикани од градот, а една едрилица се превртела во близина на брегот.

 

 

View this post on Instagram

 

A post shared by DalmacijaDanas (@dalmacijadanas)

Истовремено, долж северниот и централниот Јадран биле забележани нагли осцилации на нивото на морето. Во Пула и Задар морето прво се излеало врз крајбрежјето, а потоа ненадејно се повлекло.

Најдраматична била ситуацијата во Стари Град на островот Хвар. Околу 23 часот нивото на морето најпрво се искачило за повеќе од 30 сантиметри, а веднаш потоа се повлекло околу 60 сантиметри под вообичаеното ниво. Поради тоа, дел од чамците останале да лежат на морското дно.

Очевидци за хрватските медиуми раскажуваат дека туристите биле затекнати од ненадејниот налет на морето.

– За некои луѓе водата достигна до колена и почнаа да бегаат. По само неколку моменти следуваше силна осека, при што бродовите го допреа морското дно – изјавил очевидец.

Што е метеоцунами?

Метеоролозите објаснуваат дека станува збор за појава позната како метеоцунами, која не е предизвикана од земјотрес, туку од нагли промени на атмосферскиот притисок за време на силни бури.

Таквите промени создаваат осцилации на морското ниво, кои најсилно се чувствуваат во плитки и издолжени заливи, каде што брановите дополнително се засилуваат.

Иако метеоцунамите се релативно ретки, експертите предупредуваат дека за време на силни невремиња можат да предизвикаат поплавување на крајбрежјето, но и ненадејно повлекување на морето, што претставува опасност за капачите и пловилата.

Поврзани содржини