📽️ НОВИ НАПАДИ ВРЗ ИРАН ПО ЗАКАНАТА НА ТРАМП „Техеран знае дека треба подобро да се однесува!“

САД започнаа нов бран удари врз ирански воени цели и позиции околу Ормускиот Tеснец. Техеран возврати со напади врз американски цели во Бахреин, Кувајт и во Јордан.

266

Американската војска синоќа изврши нов бран напади врз Иран, само неколку часа откако претседателот на САД, Доналд Трамп, упати ново предупредување до Техеран. Иран возврати со удари врз американски воени цели во повеќе земји од регионот.

Трамп не сакаше јавно да постави нов рок за Иран.






– Не сакам да давам рокови, но тие прилично добро знаат, ја знаат приказната… Треба подобро да се однесуваат – изјави претседателот на САД.

Новата размена на оган го продолжи судирот петти ден по ред. Истовремено, повторно го доведе во прашање прелиминарниот договор што требаше да отвори пат кон пошироко мировно решение.

Американската Централна команда соопшти дека нападите биле насочени кон ирански воени капацитети. Меѓу целите биле командни центри, воздушна одбрана, ракетни позиции и објекти за беспилотни летала.

Целта, според американската војска, била дополнително да се намали способноста на Иран да ги загрозува бродовите во Ормускиот теснец. ЦЕНТКОМ претходно објави повеќе последователни бранови напади врз ирански воени цели.

 

Ноќта над Техеран повторно се вжешти

Иранските државни медиуми објавија дека противвоздушната одбрана била активирана над повеќе делови од земјата. Сирени и експлозии се слушале и во главниот град Техеран.

Американските сили гаѓале цели околу островот Голем Тунб и во Бандар Абас. Нападите биле насочени и кон позиции за лансирање ракети, беспилотни летала и кон крајбрежни системи за надзор.

Еден од брановите траел околу 90 минути. Американската команда соопшти дека операцијата завршила во раните утрински часови според средноевропско време.

САД претходно ја обновија и поморската блокада на иранските пристаништа. Американските сили соопштија дека отвориле оган и врз брод што се обидел да ја прекрши блокадата.

 

Техеран возврати низ Персискиот Залив

Иран не остана само на закани.

Иранската револуционерна гарда соопшти дека нападнала американски воени цели во Бахреин, Кувајт и во Јордан. Техеран тврдеше дека нападите биле одговор на новите американски удари врз иранска територија.

Иранските сили, според нивното соопштение, користеле ракети и беспилотни летала. Цели биле комуникациски системи, воени складишта и други американски позиции во регионот.

Јорданските власти објавија дека нивната војска пресретнала 8 беспилотни летала. Според првичните информации, во нападот немало повредени лица ниту материјална штета.

Бахреин и Кувајт, каде што САД имаат големи воени капацитети, претходно исто така пријавија ирански напади. Судирот така повторно се прелеа надвор од границите на Иран.

 

Заканата се прошири и врз мостови и електрани

Трамп претходно предупреди дека САД може да почнат да напаѓаат мостови и електрани. Тој го услови таквиот чекор со враќање на Иран на преговарачката маса.

Американскиот претседател тврдеше дека Техеран очајно сака договор. Според него, иранската страна не била задоволна од притисокот и од нападите на американската војска.

– Ќе видиме дали сакаме да се договориме со нив или едноставно ќе го завршиме тоа – изјави Трамп.

Американската администрација и понатаму не открива дали веќе има одлука за напади врз критичната инфраструктура на Иран. Трамп ја задржа неизвесноста околу следниот чекор на Вашингтон.

Преговорите висат над бездна

Главниот ирански преговарач, Мохамед Багер Галибаф, порача дека Техеран нема причина да го почитува договорот доколку не добива ништо од него.

Галибаф оцени дека контролата и присуството на Иран во Ормускиот Теснец се прашање на национална безбедност. Тој ги претстави преговорите и воените одговори како делови од истата стратегија.

Прелиминарниот договор требаше да го запре судирот и да создаде услови за трајно решение. Новите удари, блокадата и иранските напади врз американски цели сериозно ја намалија можноста тој план да се спроведе.

Ормускиот теснец останува централна точка во судирот. Низ него минува значителен дел од светската трговија со нафта и со течен природен гас.

Секој прекин на пловидбата носи ризик за цените на енергијата. Токму затоа судирот одамна ги надмина воените односи меѓу Вашингтон и Техеран.

Mаслиново гранче“ среде ракетите

И покрај новите напади, Трамп го поздрави ослободувањето американска државјанка од Иран. Тој рече дека жената била неправедно притворена уште во декември 2024 година.

Американскиот претседател го нарече ослободувањето „маслиново гранче“ од Техеран.

„Таа сега е безбедно надвор од Иран и е во добра состојба. Соединетите Американски Држави го ценат овој гест на добра волја од страна на Иран“, напиша Трамп на својата платформа Трут соушл.

Ослободувањето дојде во момент кога двете земји повторно разменуваа удари. Трамп го поздрави гестот, но не ја повлече заканата за ново проширување на нападите.

Иран се закани со нови затворања

Иранската револуционерна гарда го предупреди Вашингтон дека блокадата нема да остане без поширок одговор.

Според иранската страна, САД и нивните сојузници треба да очекуваат затворање и на други извозни правци за нафта и за гас. Техеран не прецизираше на кои рути се однесува заканата.

Иран претходно тврдеше дека го затворил Ормускиот Tеснец. Вашингтон ги оспори тие тврдења и соопшти дека комерцијалниот сообраќај продолжува.

Европската агенција за воздухопловна безбедност повторно ги предупреди авиокомпаниите да избегнуваат делови од регионот. Предупредувањето опфаќа воздушен простор над повеќе заливски држави и над Оманскиот Залив.

Поврзани содржини