📽️ АНГЛИЈА ПОВЕДЕ, НО АРГЕНТИНА ПОКАЖА ШАМПИОНСКИ КАРАТЕР „Гаучосите“ со пресврт закажа спектакл со Шпанија

Аргентина ја победи Англија со 2-1 во полуфиналето на СП 2026 по голем пресврт и обезбеди финале против Шпанија. Меси и соиграчите се на чекор до нов трофеј.

85

Аргентина избори место во големото финале на Светското првенство 2026, откако по уште еден драматичен пресврт ја совлада Англија со 2-1 во полуфиналниот натпревар.

Дуелот на двете фудбалски велесили очекувано донесе голема борба, тактичко надмудрување и малку вистински шанси во првото полувреме. Двете репрезентации играа внимателно, без поголем ризик, а најдобар показател за тоа беше фактот дека во првите 45 минути немаше ниту еден директен удар во рамките на голот. Воедно, беа досудени дури 19 прекршоци.






Слична беше сликата и во воведните минути од вториот дел, но ситуацијата се промени во 55. минута кога Англија успеа да поведе.

Хари Кејн се врати на својата половина и започна акција со долга топка кон Роџерс, кој одлично нафрли во шеснаесетникот. На вистинското место се најде новото засилување на Барселона, Ентони Гордон, кој со прецизен удар ја затресе мрежата на Аргентина за 1-0.

По примениот гол, Англија се повлече длабоко во својата половина, обидувајќи се да го зачува водството, но тоа се покажа како грешна одлука.

Аргентина презеде целосна иницијатива, создаде неколку сериозни прилики, а во еден момент ја погоди и стативата. Нико Гонзалес имаше одлична можност за израмнување, но неговиот удар заврши покрај голот.

Притисокот на „гаучосите“ конечно вроди со плод во 83. минута. Енцо Фернандез со својот трет удар кон голот на Англија успеа да погоди и да израмни на 1-1.

Аргентина не се задоволи со реми и продолжи да напаѓа. Одлуката за пласман во финалето ја донесе Лаутаро Мартинез, кој во финишот погоди по одличното нафрлување од Лионел Меси за конечни 2-1.

Со оваа победа Аргентина обезбеди ново финале на Светското првенство, каде што ќе се соочи со Шпанија.

Големото финале меѓу Шпанија и Аргентина ќе се игра во недела од 21:00 часот. Ден претходно, Англија и Франција ќе се борат за третото место.

Поврзани содржини