📽️ ОХРИД НА НОЗЕ ПОРАДИ ПОЖАР НА ПЕТРИНО Огнот стигнал до првите куќи, мештаните и пожарникарите спречија катастрофа

Пожарот избувна на планината Петрино меѓу населбите Бараки и Видобишта, а поради силниот ветер огнот се проширил кон куќите. ТППЕ Охрид интервенирала со повеќе екипи и пожарот е локализиран.

481

Голем пожар попладнево избувна на планината Петрино, на потегот меѓу охридските населби Бараки и Видобишта, при што огнената стихија за кратко време се проширила низ сувата вегетација и се приближила до првите куќи.

Според сведоштва на очевидци, пожарот брзо се разгорел, а пламените јазици зафатиле смрека, ниска вегетација и дел од борова шума. Поради неповолниот ветер, огнот се ширел во правец на куќите, што предизвикало дополнителна загриженост кај жителите од околината.






Пред пристигнувањето на противпожарните екипи, мештаните се обиделе да помогнат во гаснењето, користејќи лопати и друг алат за да го спречат ширењето на огнот.

На терен веднаш интервенирале екипи на Територијалната противпожарна единица Охрид, кои со три противпожарни возила и повеќе пожарникари успеале да го локализираат пожарот и да го стават под целосна контрола.

„Пожарот зафати ниска вегетација и мал дел од борова шума. Дополнителен проблем создаде неповолниот ветер кој пожарот го прошири во правец на куќите. Се интервенираше со три возила и повеќе единици. Пожарот е локализиран и целосно ставен под контрола“, информираат од ТППЕ Охрид.

Од надлежните служби посочуваат дека опасноста од понатамошно ширење е отстранета, но екипите остануваат на терен и ја следат состојбата.

Засега нема информации за повредени лица, а причината за избувнувањето на пожарот дополнително ќе се утврдува.

Поврзани содржини