ИМАМЕ ЦВРСТИ ДОКАЗИ ЗА УБИСТВОТО ВО АВТОКОМАНДА Обвинителката која работи на случајот бара притвор за сопружниците
Мотивот ќе го истражуваме дополнително. Во оваа фаза можам само ова да ви го кажам дека сега за сега располагаме со цврсти докази, а дополнително ќе бидете известени за мотивот – нагласи обвинителката Жакула.
Обвинителката Елена Жакула во изјава за медиумите информира дека Обвинителството денеска ќе поднесе предлог за определување мерка притвор за двајцата сопружници за убиството на лекарот Ацо Трпкоски, кој беше убиен на 21 март 2024 година во скопската населба Автокоманда.
– Обвинителството заедно со МВР спроведе предистражни дејства кои беа активни и се обидовме да го најдеме сторителот на ова кривично дело. По дополнителни сознанија во текот на изминатите месеци и по издадена дополнителна наредба од страна на јавниот обвинител, во координација со Единицата за насилен криминал, во текот на изминатата недела беше издадена наредба по која беа повикани лица. По нивното повикување во полиција, се добија некои дополнителни сознанија, кои го подигнаа степенот на основано сомневање дека токму овие осомничени за кои Обвинителството денеска ќе поднесе предлог за определување мерка притвор се лицата што го сториле ова кривично дело. Се работи за двајца сопружници. За осомничената Обвинителството ќе поднесе предлог за определување мерка притвор за кривично дело убиство од член 123 став 1, односно за помагање во извршување ова кривично дело. А за лицето кое е нејзин сопружник за кривично дело убиство од член 123 од Казнениот законик. Ова е сè што досега можам да споделам со јавноста – рече Жакула.
– Мотивот ќе го истражуваме дополнително. Во оваа фаза можам само ова да ви го кажам дека сега за сега располагаме со цврсти докази, а дополнително ќе бидете известени за мотивот – нагласи обвинителката Жакула, пренесува МИА.