455 КАЗНИ ЗА БРЗО ВОЗЕЊЕ, ОДЗЕМЕНИ 22 ВОЗИЛА Викендов полицијата напиша 1.426 санкции
Полициските службеници во текот на изминатиот викенд регистрирале 1.426 сообраќајни прекршоци низ земјава, а најголем дел од санкциите се за непочитување на ограничувањето на брзината. Лишени од слобода се 64 возачи, а од сообраќај се отстранети 22 возила.
Полициските службеници изминатиот викенд спровеле засилени сообраќајни контроли на патиштата низ целата држава, при што биле констатирани вкупно 1.426 прекршоци.
Од вкупниот број издадени платни налози, 455 се однесуваат на возачи кои не ја почитувале дозволената брзина на движење.
Во рамки на контролите, од слобода биле лишени 64 лица поради безобѕирно управување со возило. Од нив, 11 возачи биле затекнати како управуваат под дејство на алкохол, 27 возеле без возачка дозвола, а двајца биле санкционирани поради пречекорување на дозволената брзина – еден во населено место и еден надвор од населено место.
Еден возач бил лишен од слобода поради претходно изречена забрана за управување моторно возило.
Во истиот период полицијата одзела 22 возила согласно член 300-б од Кривичниот законик.
Според полицискиот биланс, во текот на викендот биле евидентирани и 187 прекршоци за неправилно паркирање, додека 61 возач бил санкциониран поради управување возило под дејство на алкохол.
Казнети биле и 126 мотоциклисти кои не користеле заштитен шлем, како и 150 учесници во сообраќајот кои не користеле сигурносен појас.
Дополнително, 24 нерегистрирани возила биле отстранети од сообраќај, а седум возила поради техничка неисправност.
Полицијата санкционирала и двајца возачи поради непочитување на законските услови за затемнување на стаклата на возилата.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека сообраќајните контроли продолжуваат и во наредниот период, при што апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат правилата и прописите за поголема безбедност на патиштата.