МУНДИЈАЛ СО 64 РЕПРЕЗЕНТАЦИИ? Инфантино најави нови измени по Светското првенство

По дебито на форматот со 48 репрезентации, претседателот на ФИФА Џани Инфантино најави дека по Светското првенство 2026 ќе се разгледува можноста бројот на учесници дополнително да се зголеми на 64 селекции.

72

Претседателот на Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА), Џани Инфантино, најави дека по завршувањето на Светското првенство 2026, чии домаќини се САД, Мексико и Канада, ќе биде разгледана можноста за ново проширување на форматот на Мундијалот.

На тековното Светско првенство првпат во историјата настапуваат 48 репрезентации, а веќе се шпекулира дека во иднина бројот на учесници би можел да се зголеми на дури 64 селекции.






– Ова се прашања што ќе ги разгледаме по Светското првенство 2026. Важно е кога организирате Мундијал да мислите на целиот свет, а не само на Европа и Јужна Америка. Секоја нација треба да има можност да сонува за настап на Светското првенство. Квалитетот на репрезентациите е исклучително висок и постојано расте на сите континенти – изјави Инфантино во интервју за швајцарската телевизија „Блу Спорт“.

Според првиот човек на ФИФА, проширувањето на турнирот на 48 репрезентации се покажало како „полн погодок“.

– Ако не им дадете шанса на помалите земји да настапат на Светско првенство, тие нема да имаат поттик да напредуваат. Секоја репрезентација одигра на високо ниво. Тимови од сите континенти постигнаа голови и освоија барем еден бод. Девет од десетте африкански селекции се пласираа во нокаут-фазата, додека на Светското првенство во 2022 година настапија само пет африкански репрезентации. Тоа покажува колку е важно да им се даде можност на сите да бидат дел од најголемото фудбалско натпреварување – истакна Инфантино.

Следното Светско првенство во 2030 година ќе го организираат Мароко, Португалија и Шпанија, додека домаќин на Мундијалот во 2034 година ќе биде Саудиска Арабија.

Поврзани содржини