ИРАН ТВРДИ ДЕКА ГО ЗАТВОРИЛ, САД ДЕКА ГО ОТВОРИЛЕ ТЕСНЕЦОТ Спорот околу клучниот коридор повторно ја крева тензијата

По напад врз трговски брод во Ормускиот Теснец, Вашингтон соопшти дека погодил околу 140 воени цели во Иран. Техеран возврати со нови закани и порача дека стратешкиот морски премин останува затворен до понатамошно известување.

117

Иран и САД повторно се судрија околу статусот на Ормускиот Теснец, еден од најважните светски поморски коридори. Техеран соопшти дека теснецот е затворен до понатамошно известување, додека американската војска тврди дека пловидбата продолжува и дека морскиот пат останува отворен за меѓународниот сообраќај, пишува Би-Би-Си.

Претседателот на САД Доналд Трамп денеска изјави дека Соединетите Американски Држави и Иран постигнале договор вчера, но дека Техеран го прекршил само еден час подоцна кога со дрон нападнал еден брод.






Спорот доаѓа по новата ескалација на непријателствата во Персискиот Залив. Новинар на порталот Аксиос, повикувајќи се на американски функционер, објави дека САД и денеска гаѓале цели на Иранаската револуционерна гарда, имено, ракети и противвоздушни системи.

Претходно иранските сили нападнаа трговски брод во Ормускиот Теснец, тврдејќи дека пловел по неодобрена рута. Според американските власти, станува збор за брод под кипарско знаме кој претрпел сериозни оштетувања, по што екипажот бил принуден да го напушти пловилото.

Вашингтон возврати со нов бран напади врз ирански воени цели. Американската Централна команда соопшти дека биле погодени околу 140 цели, меѓу кои локации за ракети и беспилотни летала, комуникациски системи и објекти за крајбрежен надзор.

Техеран, пак, порача дека презема мерки за воспоставување целосна контрола врз водниот пат и најави дека ограничувањата ќе останат во сила. Иранската Револуционерна гарда соопшти дека бродовите мора да ги користат рутите што ги одредуваат нејзините власти.

Американската војска го оспорува тоа толкување. Од Централната команда нагласуваат дека Ормускиот Теснец е отворен и дека САД располагаат со капацитет да обезбедат слободна пловидба низ стратешкиот морски премин.

Ормускиот теснец со децении важи за една од најчувствителните точки во светот. Низ него минува значителен дел од глобалната трговија со нафта и природен гас, поради што секоја закана за негово затворање предизвикува вознемиреност на енергетските пазари и кај меѓународната заедница.

Новата криза дополнително го доведува во прашање привремениот договор за прекин на огнот што беше постигнат минатиот месец. Американскиот претседател Доналд Трамп претходно оцени дека иранските потези практично го урнале договорот, додека Техеран возврати со обвинувања дека токму Вашингтон ги прекршил преземените обврски.

Во меѓувреме, двете страни продолжуваат со остра реторика. Претседателот на иранскиот парламент, Мохамед Багер Галибаф, порача дека „ерата на еднострани договори е завршена“, додека американските власти предупредуваат дека секој нов напад врз цивилни бродови ќе предизвика дополнителен одговор.

Поврзани содржини