НЕВРЕМЕ СО ГРМЕЖИ И ПОРОЕН ДОЖД, ПОТОА НАГЛО ЗАЛАДУВАЊЕ На повисоките планини можен и снег
Се очекуваат локални поројни врнежи, грмежи и засилен ветер, а од понеделник ќе дува северен ветер и температурите ќе се намалуваат. Во вторник на повисоките планини е можно дождот да премине во снег.
Променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд, кои наместа ќе бидат поројни и пообилни, проследени со грмежи и засилен ветер, најавуваат метеоролозите. Во Скопје, исто така, се очекуваат повремени врнежи, а во делови од котлината ќе има нестабилност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер.
Утринските температури во земјава ќе се движат од 9 степени во Берово до 15 степени во Гевгелија, додека максималните дневни ќе бидат во интервалот од 14 степени во Маврово до 32 степени во Гевгелија.
Во Скопје ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд. Во одделни делови од котлината се очекуваат пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Температурата ќе се движи од 15 до 19 степени.
Во понеделник времето ќе биде променливо облачно, а претпладне ќе има повремен локален дожд. Ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец.
Минималните утрински температури ќе се движат од 8 до 15 степени, додека максималните дневни ќе бидат од 16 до 22 степени.
Според прогнозата на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), во вторник ќе преовладува променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд.
Поради продорот на постуден воздух од север, на некои од повисоките планини дождот ќе премине во снег. Ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец.
Минималните утрински температури ќе бидат од 6 до 13 степени, а максималните дневни ќе се движат од 10 до 18 степени.
Прогнозата најавува промена на временските услови во текот на наредните денови, со нестабилност и можни пообилни врнежи, а потоа и пад на температурите под влијание на постудениот воздух од север.