УАПСЕН ГЛАВНИОТ УРЕДНИК НА СРПСКИ „ИНФОРМЕР“ Полицајци во цивилка го пресретнале на 50 метри од редакцијата
Заменикот на главниот уредник го оцени апсењето на Вучиќевиќ како продолжение на притисоците врз медиумот, обвинувајќи ја новата власт во Србија. Тој откри дека адвокатот на „Информер“ се упатил кон полициската станица.
Главниот уредник и сопственик на српскиот медиум „Информер“, Драган Ј. Вучиќевиќ, денеска е уапсен во Белград. Според неофицијални информации, тој е осомничен за предизвикување паника и неред во подолг период, како и за попречување на правдата.
Полицајци во цивилна облека со необележано возило го пресретнале Вучиќевиќ на околу 50 метри од зградата на редакцијата, по што го однеле во Полициската станица Вождовац.
Заменик-главниот уредник на „Информер“, Дејан Вукелиќ, изјави дека адвокатот на медиумот се упатил кон полициската станица.
– Немаме објаснување, немаме информации за причината за неговото апсење. Сега одам таму, мислам дека ќе дојдат повеќе колеги. Нашиот адвокат, се разбира, е на пат кон станицата – рече Вукелиќ.
Тој го оцени апсењето како продолжение на притисоците врз медиумот, обвинувајќи ја новата власт во Србија.
– Она што им пречи кај Драган Ј. Вучиќевиќ е тоа што ја кажува вистината и што не можеа да го спречат во тоа, ниту со преместување на каналите кај телевизиските оператори, ниту со вознемирување од страна на РЕМ – изјави Вукелиќ.
По сослушувањето пред обвинителот се очекува да биде познато дали на Вучиќевиќ ќе му биде одредено полициско задржување до 48 часа.
Во последните недели, Драган Ј. Вучиќевиќ беше во центарот на вниманието на јавноста откако Советот на Регулаторното тело за електронски медиуми на Србија (РЕМ) одлучи да покрене две истражни постапки против телевизијата „Информер“.
На 16 ноември РЕМ, воведе забрана за емитување на „Информер“ во траење од 15 дена и 10 дена, како и забрана за рекламирање помеѓу 18:00 и 21:00 часот во траење од седум дена.
Апсењето на Вукичевиќ беше спомнато и на денешнaта седница во Народното собрание на Србија од страна на лидерот на опозицијата и пратеник Александар Вучиќ.
– Сопственикот на телевизијата „Информер“, Драган Ј. Вучиќевиќ, штотуку е уапсен – рече Вучиќ пред останатите пратеници.