АЛБАНИЈА НЕМА ДА Ѝ СТАВИ ВЕТО НА МАКЕДОНИЈА Рама упати јасна порака до Скопје

Албанскиот премиер Еди Рама порача дека неговата земја нема да го искористи правото на вето против Македонија и повтори дека блокадите не придонесуваат за европската интеграција.

594

Албанија нема да го искористи правото на вето против Македонија во процесот на европската интеграција, дури и ако стане членка на Европската Унија, изјави албанскиот премиер Еди Рама пред учесниците на младинскиот камп „RinCamp 2026“ во туристичкото место Јал, каде присуствуваат и млади од Македонија.

Одговарајќи на прашање на студент од Скопје дали Албанија би можела да стави вето на македонскиот евроинтегративен процес, Рама нагласи дека отсекогаш бил против употребата на вето во процесот на проширување на Европската Унија, оценувајќи дека тоа е механизам кој ја попречува интеграцијата.






– Албанија нема да му наметне вето никому и никаде. Албанија има целосен интерес работите во Македонија да се одвиваат што е можно подобро. Албанија има целосен интерес односите меѓу двата формирачки народа во Македонија, а тоа се Албанците и Македонците, да бидат братски односи и да се темелат на хармоничен соживот. Постигнат е голем напредок. Демократијата не е прошетка по асфалтиран булевар, туку пат со кривини и пресврти. Има подеми и падови, има моменти на тешкотии, но што се однесува до нас, ние го сакаме најдоброто за Република Македонија – изјави Рама.

Тој повтори дека употребата на вето во процесот на европската интеграција, според него, не им користи ниту на земјите кандидати ниту на Европската Унија.

– Тоа создава заложнички ситуации и, во суштина, е неконструктивно. Да се наметне вето за отворање на пристапните преговори не е европски начин на дејствување – рече албанскиот премиер.

Рама додаде дека подолго време се залага за нов пристап на Европската Унија кон земјите кандидати, оценувајќи дека тие треба порано да бидат вклучени во процесот на европското одлучување.

– Долго време сум посветен на промовирање поинаков пристап на ЕУ кон земјите кои сè уште не се членки. Процесот веќе започна со Планот за раст и со тековните дискусии. Верувам дека земјите кандидати треба да седнат на масата на ЕУ. Политички, Европа мора да се обедини уште сега, а потоа секоја земја треба да ја исполни својата обврска – истакна Рама.

Осврнувајќи се на положбата на Албанците во регионот, Рама оцени дека тие денес се во подобра положба отколку во кој било друг период од нивната историја и повика тој напредок да продолжи.

Поврзани содржини