АНГЛИЈА И НОРВЕШКА ВО МЕГА ПРЕСМЕТКА ВО МАЈАМИ Халанд и Кејн во спектакуларен дуел за место меѓу најдобрите четири

Англија и Норвешка вечерва од 23 часот ќе играат за место во полуфиналето на Светското првенство. Во центарот на вниманието ќе бидат капитенот на „трите лава“ Хари Кејн и норвешката ѕвезда Ерлинг Халанд.

120

На Светското првенство вечерва ќе биде позната и втората полуфинална двојка, откако ќе се одиграат вторите два четвртфинални натпревари. За место меѓу најдобрите четири селекции ќе се борат три европски репрезентации – Англија, Норвешка и Швајцарија, како и актуелниот светски првак Аргентина.

Најголемо внимание привлекува дуелот меѓу Англија и Норвешка, кој ќе се одигра во Мајами со почеток од 23 часот по македонско време. Ова е пресметка на две селекции кои досега покажаа атрактивен и ефикасен фудбал, а дополнителен магнет за фудбалските фанови е директниот дуел меѓу голгетерските ѕвезди – Хари Кејн и Ерлинг Халанд.






Двете репрезентации имаат по четири победи на Мундијалот. Англија одигра нерешено против Гана, додека Норвешка го претрпе единствениот пораз од Франција. Во досегашниот тек од турнирот, Норвешка постигна 12 голови, а Англија 11, што најавува уште една офанзивна фудбалска вечер.

Капитенот на Англија, Хари Кејн, кој е меѓу најдобрите стрелци на турнирот, смета дека ова Светско првенство е обележано со одличните настапи на напаѓачите.

– Мислам дека ова е неверојатно Светско првенство во однос на сите врвни напаѓачи и стрелци кои постигнуваат голови и беа клучни на натпреварите. Тоа не е секогаш случај на големите турнири. Навивачите уживаат во тоа. Од моја гледна точка, ова е одлично натпреварување и ме тера да бидам на моето најдобро ниво. Мојата главна цел е да го освојам Светското првенство со Англија, а не Златната копачка – изјави Кејн.

Во борбата за најдобар стрелец на шампионатот моментално водат Килијан Мбапе и Лионел Меси со по осум голови. Ерлинг Халанд има седум погодоци, додека Хари Кејн шест.

НОРВЕШКА НЕ СЕ ПЛАШИ ОД АНГЛИЈА: „Тие се фаворити, но не големи“

Селекторот на Норвешка, Стале Солбакен, признава дека Англија има големо име и квалитет, но смета дека неговата селекција има свои адути.

– Тие се фаворити, но не се големи фаворити. Сметам дека Англија е под поголем притисок од нас, но кога ќе започне натпреварот играчите не размислуваат на притисок. Бразил и Англија се можеби двете најголеми фудбалски нации со кои можеме да играме. Не е никаква тајна дека Кејн е нивниот најдобар играч, а Ерлинг кај нас ни носи победи, но не ги потценувајте и останатите наши фудбалери – порача Солбакен.

Норвешка на досегашните пет натпревари на турнирот покажа напаѓачка моќ, но и одредени слабости во одбраната. Во групната фаза ја совлада Ирак со 4:1 и Сенегал со 3:2, загуби од Франција со 1:4, а во елиминациската фаза ги совлада Брегот на Слоновата Коска со 2:1 и Бразил со 2:1.

Англија, пак, до четвртфиналето стигна со стабилни настапи и голема ефикасност, а дополнителен мотив е желбата конечно да стигне до трофејот на Светското првенство.

Победникот од дуелот Англија – Норвешка во полуфиналето ќе игра против подобриот од вториот четвртфинален натпревар меѓу Аргентина и Швајцарија, кој се игра во 3 часот по македонско време

📽️ ХАЛАНД ТРГНА ВО ОСВОЈУВАЊЕ НА АНГЛИЈА Интернетот „гори“ поради филмската најава за четвртфиналето

Поврзани содржини