ПОЛОВИНА ОД ТЕЛОТО МУ БИЛО НАДВОР, ТРИ ПАТИ СЕ ОНЕСВЕСТИЛ Сопругата раскажа како го спасиле откако пукнал прозорецот во авионот
Сопругата на 61-годишниот државјанин на Србија раскажа како таа и уште двајца патници го држеле мажот откако му пукнал прозорецот во авионот на „Рајанер“ за време на летот од Солун.
Сопругата на 61-годишниот државјанин на Србија,Светлана Грковиќ, кој беше повреден откако за време на лет со авион на „Рајанер“ од Солун му пукнал прозорецот, ги опиша драматичните моменти во кои таа, друга патничка и уште еден патник се бореле да го задржат за да не испадне од леталото.
Љубиша Каровиќ се наоѓа во болница, каде се опоравува од повредите и претрпениот шок. Неговата сопруга, Светлана Грковиќ, во емисијата „Live News“ на грчката телевизија „Мега“ раскажа што се случувало во авионот.
„Сè се случи за дел од секунда“
– Летавме веќе 30 до 40 минути кога одеднаш пукна прозорецот. Мојот сопруг седеше до прозорецот. Сè се случи за дел од секунда. Прозорецот пукна за време на летот и поради разликата во притисокот, половина од неговото тело заврши надвор од авионот – раскажа сопругата.
Таа додаде дека во кабината настанала паника, а патниците не знаеле како да реагираат.
– Сè леташе низ кабината. Паднаа маските за кислород, а никој не знаеше што да направи. Сите плачеа – изјавила таа.
Според нејзиното сведоштво, најпрво таа и нивната сопатничка се обиделе да го задржат мажот, а потоа им помогнал и друг патник кој седел во соседниот ред.
– Ние двете го држевме, а потоа дојде господинот од редот покрај нас и заедно го влечевме за рака, додека половина од неговото тело беше надвор од авионот – раскажа таа.
Сигурносниот појас му го спасил животот
Грчките медиуми наведуваат дека голема улога во спасувањето имал и сигурносниот појас, бидејќи патникот бил врзан во моментот кога се случил инцидентот.
По драматичниот настан, авионот го сменил курсот и безбедно слетал на аеродромот „Македонија“ во Солун, каде патниците биле евакуирани.
Повредениот 61-годишен маж, како и луѓето кои му помогнале, биле пренесени во болница. Од Генералниот конзулат на Србија во Солун претходно потврдиле дека лекарите ја проценуваат сериозноста на повредите и неговата здравствена состојба, но дека не е во животна опасност.
Според пишувањата на грчките медиуми, за време на слетувањето на авионот, дел од оштетениот мотор наводно се одвоил и удрил во прозорецот на кабината. Истражните органи продолжуваат со проверка на сите околности околу инцидентот.