АТАНАСОВСКИ ДОБИ ОТШТЕТА ОД 3.465 ЕВРА ПОРАДИ ПРИТВОРОТ Европскиот суд пресуди за случајот за поранешниот директор на УБК
Поранешниот директор на УБК доби надомест поради притворот и куќниот притвор во предметот „Организатори на 27 април“.
Европскиот суд за човекови права пресуди дека државата треба да му исплати 3.465 евра на поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Владимир Атанасовски, како надомест за мерките притвор и куќен притвор што му биле изречени во предметот „Организатори на 27 април“.
Како што објави Телма, Атанасовски во рамки на оваа постапка поминал шест месеци во притвор, а потоа речиси 19 месеци во куќен притвор. Поради тоа тој поднел претставка до Европскиот суд за човекови права, повикувајќи се на повреда на правото на слобода и безбедност.
Во одлуката на Судот се наведува дека, по неуспешните обиди за постигнување пријателско спогодување, Владата доставила еднострана изјава со цел да се решат прашањата покренати со жалбата.
Адвокатот на Атанасовски изјавил дека во текот на целата постапка укажувал оти мерките притвор и куќен притвор биле неоправдани и не ги исполнувале законските критериуми.
Предметот „Организатори на 27 април“ се однесува на судските постапки поврзани со настаните во Собранието на 27 април 2017 година.