СЕ РАЗВЕДУВААТ ЌЕРКАТА НА ЕНДИ МЕКДАУЕЛ И ПРОДУЦЕНТОТ НА НАЈГОЛЕМИТЕ ПОП-ХИТОВИ Љубовната приказна на Маргарет Кволи и Џек Антоноф важеше за една од најромантичните во Холивуд

Маргарет Кволи, ќерката на Енди Мекдауел, и музичкиот продуцент Џек Антоноф се разделиле по три години брак и речиси пет години врска. Нивната љубовна приказна беше толку филмска што Лана Дел Реј во 2023 година ѝ посвети песна

80

Љубовната приказна на актерката Маргарет Кволи и музичарот и продуцент Џек Антоноф, која со години важеше за една од најромантичните на холивудската сцена, очигледно дојде до својот крај. Според списанието „Пипл“, двојката се разделила само неколку месеци пред третата годишнина од бракот.

Веста ги изненади нивните обожаватели, бидејќи Маргарет и Џек долго време беа сметани за еден од најстабилните и најхармоничните славни парови.






Според извори блиски до нив, нивната врска веќе извесно време минувала низ криза, а во моментов се обидуваат да одлучат како понатаму. Разделбата доаѓа во период кога и двајцата се целосно посветени на професионалните обврски. Антоноф е на турнеја со својот бенд „Bleachers“, додека Кволи се подготвува за снимањето на новиот хорор-филм „Possession“.

Дополнителни сомнежи предизвика и фактот што Антоноф неодамна сам пристигнал на свадбата на својата долгогодишна пријателка, пејачката Тејлор Свифт, и нејзиниот партнер Тревис Келси. Наместо сопругата, друштво му правела неговата сестра, модната дизајнерка Рејчел Антоноф.

Маргарет и Џек првпат беа поврзани во летото 2021 година, кога беа фотографирани за време на романтична средба во Бруклин. Следната година веќе јавно се појавуваа заедно, а набргу ја објавија и свршувачката.

Се венчаа во август 2023 година во Њу Џерси, во присуство на бројни славни гости, меѓу кои беа Тејлор Свифт, Лана Дел Реј, Зои Кравиц, Ченинг Тејтум и Кара Делевињ.

Нивната љубовна приказна долго време изгледаше како бајка. Антоноф во повеќе наврати јавно изјавуваше дека уште при првата средба знаел дека Маргарет ќе биде неговата сопруга.

– Ја видов и беше како сцена од романтичен филм. Кога ја запознав, почнав да размислувам за работи за кои претходно никогаш не сум размислувал, како што е бракот – изјавил тој во емисијата на Хауард Стерн.

Открил и дека ја побарал за жена за време на нивниот престој во Париз, откако претходно ја повикал нејзината сестра за да побара благослов.

Ниту Маргарет, чија мајка е познатата актерка Енди Мекдауел, никогаш не криела колку е среќна во нивната врска.

Во интервју за списанието „Харперс Базар“, дадено пред нивната свадба, таа го нарече Антоноф „својата личност“.

– Пресреќна сум што ја пронајдов својата личност. Тоа е вистинско. Неверојатно е. Тоа е најубавото чувство на светот – изјавила тогаш актерката.

Таа признала и дека токму благодарение на Џек првпат посакала да создаде вистински дом.

– Пред да го запознаам Џек никогаш не создавав дом. Живеев во мали станови и постојано се селев. Денес ми е прекрасно да градиме заеднички живот и да имаме нешто за кое можеме да се грижиме – раскажала таа.

Нивната љубов била толку инспиративна што Лана Дел Реј во 2023 година ја објави песната „Маргарет“, именувана токму по актерката. Една година подоцна, пејачката призна дека токму односот меѓу Маргарет и Џек ја поттикнал да не се откаже од љубовта.

Засега претставниците на Маргарет Кволи и Џек Антоноф не ги коментирале написите за разделбата.

Иако извори блиски до двојката тврдат дека нивниот однос минува низ тежок период и дека сè уште се обидуваат да најдат решение, веста за разделбата означува крај на една љубовна приказна која со години важеше за една од најромантичните на холивудската сцена.

Поврзани содржини