📷 НА САМИТОТ ВО АНКАРА СЕ ЦРТА НОВИОТ БЕЗБЕДНОСЕН ПЛАН НА НАТО Милијарди за одбранбената индустрија, за Украина и нови пораки до Москва

Лидерите на 32-те земји членки денеска и утре ќе разговараат за Украина, зголемувањето на воените инвестиции, заканите од Русија и иднината на Алијансата. 

163

Анкара денеска и утре е домаќин на 36. самит на НАТО, на кој лидерите на сите 32 земји членки ќе разговараат за идните безбедносни приоритети на Алијансата, за војната во Украина, за јакнењето на колективната одбрана и за зголемувањето на инвестициите во воените капацитети. Покрај политичките одлуки, се очекува да бидат потпишани и договори со компании од Европа и Северна Америка вредни повеќе десетици милијарди долари.

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, најави дека самитот ќе испрати јасна порака дека Алијансата дополнително инвестира во одбраната, ја зајакнува својата индустриска база и вложува во нови технологии.






EPA/Abdullah Guclu / POOL

За време на самитот ќе бидат потпишани нови договори со компании од Европа и Северна Америка вредни повеќе десетици милијарди долари. Ќе потврдиме дека инвестираме во клучни технологии за да ги исполниме безбедносните барања на денешницата и утрешницата – изјави Руте.

Тој нагласи дека НАТО останува единствената организација која на практичен начин ги обединува Европа, Соединетите Американски Држави и Канада во справувањето со најголемите безбедносни предизвици, како што се Русија, тероризмот и системските ривали.

Во пресрет на отворањето на самитот, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган се сретна со Руте и изрази уверување дека состанокот ќе донесе конкретни резултати. Тој оцени дека ќе биде важно лидерите да разговараат за сите прашања – од колективната одбрана до продлабочувањето на соработката во одбранбената индустрија, при што посебно го издвои Форумот на одбранбената индустрија, кој се одржува паралелно со самитот.

EPA/FILIP SINGER

На собирот присуствуваат лидерите на сите 32 земји членки, меѓу кои американскиот претседател Доналд Трамп, францускиот претседател Емануел Макрон, британскиот премиер Кир Стармер, германскиот канцелар Фридрих Мерц, италијанската премиерка Џорџа Мелони, како и претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта. Покрај нив, во Анкара се присутни и речиси 100 министри, високи дипломати и претставници на меѓународни организации, како и бројни новинарски екипи.

Главните теми на разговорите се спроведувањето на одлуките за зголемување на издвојувањата за одбраната, зајакнувањето на капацитетите за одвраќање и одбрана, состојбата во Украина, безбедноста на јужното крило на НАТО и заканите за евроатлантскиот простор. На крајот на самитот се очекува усвојување завршна декларација со која повторно ќе биде потврдена непоколебливата посветеност на членот 5 од Северноатлантскиот договор. Во документот се очекува Русија повторно да биде означена како долгорочна закана за евроатлантската безбедност, а ќе биде истакнат и ставот дека Иран не смее да поседува нуклеарно оружје.

Според најавите, лидерите ќе објават и нов пакет помош за Украина во вредност од околу 140 милијарди евра за оваа и следната година, додека Европската Унија дополнително обезбедува заем од 60 милијарди евра.

Во пресрет на самитот, претседавачот на Воениот комитет на НАТО, Џузепе Каво Драгоне, ја оцени Турција како еден од клучните столбови на Алијансата.

Турција е силен сојузник со втората по големина армија во НАТО. Нејзината географска положба меѓу Црното Море, Медитеранот и Блискиот Исток е од исклучително значење, а нејзината одбранбена индустрија е пример што и другите земји треба да го следат – изјави Драгоне.

EPA/FILIP SINGER

Самитот се одржува во претседателскиот комплекс во Анкара, каде што се воведени исклучително строги безбедносни мерки. За обезбедување на настанот се ангажирани речиси 57.000 припадници на полицијата, жандармеријата и службите за кибербезбедност, додека илјадници лица се вклучени во протоколот, логистиката, здравствената заштита и медиумската поддршка. За превоз на дел од државниците се подготвени и десет специјално изработени електрични лимузини од турскиот производител „Тог“, кои ќе се користат во рамките на самитскиот комплекс.

МАКЕДОНСКА ДЕЛЕГАЦИЈА ВО ПОЛН СОСТАВ НА САМИТОТ НА НАТО ВО АНКАРА Се очекуваат многу договори од обранбената индустрија

 

 

 

 

 

Поврзани содржини