📽️ ПОЧУВСТВУВАВ ДОПИР СО КОСАТА, ВЕЛИ МАТАНОВИЌ ЗА ПОНИШТЕНИОТ ГОЛ Хрватот откри што му кажал судијата
Хрватскиот фудбалер Игор Матановиќ призна дека почувствувал мал допир со топката на мечот со Португалија, момент што подоцна се покажа како клучен за поништувањето на голот и елиминацијата од Светското првенство.
Почувствувал мал допир, не бил сигурен дали навистина ја закачил топката, а потоа добил неочекувано објаснување од судијата. Хрватскиот напаѓач Игор Матановиќ првпат проговори за спорниот момент што ја одбележа драмата против Португалија и призна дека почувствувал контакт со топката, можеби дури и со косата.
Токму микроскопскиот допир на Матановиќ во 13-тата минута од судиското продолжение стана клучен детал поради кој беше поништен голот на Јошко Гвардиол за 2-2.
Поништувањето предизвика бурни реакции, но ФИФА подоцна објави дека технологијата во топката регистрирала контакт на почетокот на акцијата, по што ВАР ја потврдил офсајд позицијата.
Матановиќ по натпреварот призна дека и самиот почувствувал нешто во моментот на акцијата.
– Сè уште е тешко да се разбере оваа игра. Заслужувавме повеќе, но можеме да бидеме многу горди на себе – изјави хрватскиот напаѓач.
Потоа се осврна на моментот што ја одлучи судбината на натпреварот.
– Почувствував мал контакт со косата. Го прашав судијата што се случи, бидејќи не бев сигурен дали ја допрев топката, а потоа тој ми рече дека имаат чип во топката и дека го регистрирал контактот. Потоа беше офсајд – рече Матановиќ.
Неговото влегување на почетокот од второто полувреме внесе нова енергија во играта на Хрватска, која во завршницата целосно ја притисна Португалија и беше на милиметри од продолженија.
Токму тие милиметри на крајот пресудија.
За потсетување, ФИФА соопшти дека сензорите во официјалната топка „Адидас Трионда“ го регистрирале минималниот контакт на Матановиќ со топката. Технологијата „Connected Ball“ испраќа податоци до ВАР-собата во реално време и може да детектира дури и допири кои не се видливи со голо око.
Графиката што подоцна ја објави ФИФА покажа токму кога дошло до контактот, потврдувајќи дека одлуката за офсајд била донесена врз основа на податоците од сензорите и видеосистемот.