ПОЧНА ПОГРЕБНАТА ЦЕРЕМОНИЈА ЗА АЈАТОЛАХОТ АЛИ ХАМНЕИ Неговиот ковчег е изложен во Техеран
Погребот ќе трае до 9 јули, а се очекува да му одадат почест неколку милиони граѓани. Иран очекува „гости од околу сто земји“, но повеќето земји испраќаат високи, но не и врвни функционери. Главно прашање е дали новиот ајатолах, Моџтаба Хамнеи, ќе ја предводи церемонијата.
Ковчези со останките на убиениот ирански врховен лидер ајатолахот Али Хамнеи и неколку членови на неговото семејство се изложени во Техеран, додека Иран се подготвува за повеќедневните погребни церемонии, каде од 4 до 9 јули се очекува да присуствуваат милиони луѓе.
Хамнеи и членовите на неговото семејство беа убиени кон крајот на февруари во почетната фаза од војната меѓу Иран и САД и Израел. Иранските државни медиуми објавија дека телата на зетот на Хамнеи, Месбах-ол-Хода Багери, најстарата ќерка Сеједе Бошра Хосеини Хамнеи, снаата Захра Хадад Адел и 14-месечната внука Захра Мохамади Голпајгани беа меѓу оние што беа изложени во Големата џамија Имам Хомеини во Техеран. Сите ковчези се покриени со иранското знаме, а пред ковчегот со големина на бебе има фотографија од девојчето, објави Си-ен-ен.
Дипломатските активности се привремено запрени додека Техеран се подготвува за погребот. Тензиите меѓу САД и Иран остануваат високи. Иран издаде ново предупредување до бродовите да се држат до рутите што ги постави во Ормуската Теснина и ги предупреди САД и Израел да не извршуваат напади за време на погребот.
Главното прашање пред погребот е дали Моџтаба Хамнеи, новиот врховен лидер и син на убиениот ајатолах, ќе се појави да ја води молитвата за својот татко. Се верува дека Моџтаба бил сериозно ранет во истиот напад во кој загинаа неговата мајка и сопруга. Од почетокот на војната, тој се крие од јавноста и комуницира со своите поддржувачи само преку писмени изјави. Неговото појавување би било прво јавно појавување и би помогнало да се зацврсти неговиот легитимитет во земјата. Од друга страна, неговото отсуство ќе покрене сомнежи за неговото здравје и ќе го отвори прашањето кој навистина ја води земјата.
На погребот на ајатолахот Али Хамнеи ќе присуствуваат претставници на Кина, Индија и Пакистан. Пакистанскиот премиер Шехбаз Шариф, чија земја се етаблираше како клучен посредник меѓу Иран и САД, ќе отпатува во Иран за да „изрази сочувство“, потврди портпаролот на Министерството за надворешни работи. Кина ќе ја претставува Хе Веи, потпретседател на Постојаниот комитет на Националниот народен конгрес, додека заменик-министерот за надворешни работи Пабитра Маргарита и гувернерот на Бихар, Сејед Ата Хаснаин, ќе дојдат од Индија. Двајца високи талибански функционери, заменик-премиерот на Авганистан и вршителот на должноста министер за надворешни работи, исто така, ќе присуствуваат на испраќањето.
Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багаеи, рече дека Иран очекува „гости од околу сто земји“. Сепак, освен Шариф и грузискиот претседател Михаил Кавелашвили, се чини, дека на погребот ќе присуствуваат малку странски лидери. Повеќето земји, како што се Кина и Индија, испраќаат високи, но не и врвни функционери. За иранскиот режим, погребот е можност да ги истакне своите дипломатски врски и да проектира слика за стабилност и единство.