🎥 АЛБАНСКАТА ПОЛИЦИЈА СО СОЛЗАВЕЦ И СО ВОДЕНИ ТОПОВИ ГИ РАСТЕРА ДЕМОНСТРАНТИТЕ Насилни протести во Тирана

Прекрасниот протест за граѓанство, патриотизам и чистота сега отстапи место на стар филм за конфликт, поделби и насилство, објави премиерот на Албанија, Еди Рама на социјалната мрежа Икс.

49

 

Албанската полиција ги растера антивладините демонстранти собрани пред парламентот во Тирана со водни топови и со солзавец, откако демонстрантите фрлаа јајца и брашно врз полицијата и врз пратениците.






Според албанските медиуми, тројца полицајци и еден демонстрант се повредени во судирите.

Демонстрантите се собраа пред парламентот пред почетокот на седницата. Додека пратениците влегуваа во зградата, дел од толпата фрлаа јајца врз нив, а јајца и брашно врз полицијата. Потоа полицијата интервенираше со водни топови и солзавец за да ги растера демонстрантите.

 

Фото: Принтскрин

 

Бранот протести почна пред повеќе од еден месец поради планираната изградба на луксузен туристички комплекс што го развива зетот на американскиот претседател Доналд Трамп, Џаред Кушнер, но набрзо прерасна во пошироко противење на градежните проекти долж албанскиот брег.

– Протестираме затоа што сакаме транспарентност. Сакаме да ја заштитиме нашата природа. Владата е корумпирана – рече еден демонстрант.

Протестите претставуваат нов предизвик за премиерот Еди Рама, кој е на власт од 2013 година. Некои во јавноста ја обвинуваат неговата влада дека не успеала да се справи со корупцијата и со лошите јавни услуги, вклучително и во здравствениот систем.

Рама на социјалната мрежа Икс изјави дека „прекрасниот протест за граѓанство, патриотизам и чистота сега отстапи место на стар филм за конфликт, поделби и насилство“.

Организаторите најавија нов протест за задутре.

Поврзани содржини