СЕ УРИВА АЛИ ТОБАКО НА БИТ ПАЗАР Зафаќаше велосипедска патека
Отстранувањето на „Али Тобако“ е дел од акцијата за расчистување на дивопоставените времени објекти во Скопје.
Почна уривањето на објектот „Али Тобако“ на Бит Пазар, кој со години се наоѓаше на пешачката и велосипедската патека, објави градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, на својот профил на Фејсбук.
Ѓорѓиевски објави и фотографија на која се поздравува со сопственикот на Али Тобако, со коментар: „Со добар збор и домаќински пристап, нема невозможно решение!“
Отстранувањето на „Али Тобако“ е дел од акцијата за расчистување на дивопоставените времени објекти во Скопје, за кои градските власти најавија дека ќе бидат отстранети доколку немаат законска документација или го попречуваат нормалното користење на јавните површини.
„Ред ќе има. Знам дека во одредени процеси некој нема да го прими тоа позитивно, затоа што му го нарушуваме комодитетот кој 30 години некој му го дозволил, на сметка на граѓаните и на градот. Тоа се објекти кои узурпираат велосипедски и пешачки зони, но и градски зелени површини“ – напиша неодамна градоначалникот Ѓорѓиевски.